
Црна Гора сака добрососедски односи со Хрватска, но нема автоматски да ги прифати сите осум барања што Загреб ги постави пред завршувањето на преговорите за членство во Европската Унија, изјави црногорскиот министер Ибрахимовиќ.
Одговарајќи на пратенички прашања во црногорскиот парламент, Ибрахимовиќ рече дека Подгорица ќе го разгледува секое прашање поединечно и дека нема да прифати барања што, според него, не се рационални и не се засновани на право.
Тој нагласи дека црвените линии во разговорите со Загреб се поврзани со заштитата на националните интереси на Црна Гора. Додаде дека државата не презела нови обврски, не прифатила рокови и не направила отстапки на штета на своите интереси во прашањата за школскиот брод „Јадран“, демаркацијата кај Превлака и обештетувањето на поранешните затвореници.
Ибрахимовиќ оцени дека отворените прашања меѓу двете земји, од кои дел траат повеќе од три децении, не можат да се решат за кратко време. Тој призна дека Резолуцијата за Јасеновац предизвикала негативни реакции во Загреб, но посочи дека станува збор за одлука на парламентот, а не на владата.
Претставникот на опозициската ДПС, Андрија Николиќ, смета дека потезите на црногорските власти, меѓу кои и усвојувањето на Резолуцијата за Јасеновац, ја нарушиле довербата кај Хрватска и кај европските партнери и го отежнале пристапниот процес.
Хрватска претходно испратила документ до земјите членки на ЕУ и европските институции со осум барања што очекува Црна Гора да ги исполни пред крајот на преговорите. Меѓу нив се прашањата за „Јадран“, Превлака, исчезнатите лица, процесирањето на воените злосторства, обештетувањето на поранешните затвореници и враќањето имот.
Црна Гора ги отворила сите 33 преговарачки поглавја со ЕУ, а привремено затворила 21. Властите планираат преговорите да ги завршат до крајот на 2026 година, со цел земјата да стане членка на Унијата во 2028 година.



