Славески: Арсовска е на потег, приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот на Град Скопје

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, вечерва на социјалната мрежа „Х“ објави дека приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот и оти на потег е градоначалничката Данела Арсовска. Тој сподели документи: Барањето за мислење со предлог по иницијатива од член на Совет на Град Скопје за покачување на  цената на услугата на приватните превозници ангажирани од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје и Иницијативата за отпочнување постапка за покачување на цената од членот на Советот на Град Скопје Горан Арсов.

– Арсовска е на потег, приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот на Град Скопје, стои во објавата на Славески, што ја пренесува Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Приватните превозници во Скопје повторно се исклучија од сообраќај

Претходно денеска приватните превозници ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт откако и на денешната седница на Град Скопје не беше разгледно нивното барање за зголемување на таксата по километар.

Според информациите, иницијативата на приватните превозници била доставена вчера околу 15:30 часот до претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески. Тој на денешната седница информираше дека иницијативата била доставена доцна за да биде вклучена на седницата.

Од Град Скопје, пак, реагираа дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбиле да ја стават на дневен ред точката по барање на приватните превозници, со која тие бараат зголемување на надоместот за јавен превоз, сѐ со цел за да се продлабочи кризата и зголеми хаосот.

- Реклама -