Членките на Европската унија имаат поделени ставови за одлуката на Вашингтон да и дозволи на Украина да изврши ракетни напади длабоко на руска територија. Повеќето влади стравуваат дека тоа може да предизвика нуклеарна војна што би била ужасна особено за Европа.
Досега имаше неколку официјални оценки за одлуката на претседателот Џозеф Бајден во ЕУ. Денешната изјава на шефот на француската дипломатија Жан Ноел Баро во Брисел дека Париз му „остава можност“ на Киев да користи француско оружје за напади внатре во Русија, додека Италија најави дека е против, зборува за различните позиции на европските дваесет и седум.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, доаѓајќи на состанокот на дипломатите на ЕУ во Брисел, нагласи дека италијанското оружје доставено во Киев „може да се користи само на украинска територија“.
Во исто време, Тајани подвлече дека Рим бара мировна конференција за војната во Украина на која би учествувале и Русите, Кинезите, Индијците и Бразилците, со цел, како што рече, „да се запре оваа безумна војна“.
Британската мрежа Би-Би-Си смета дека потегот на Бајден е повеќе психолошки отколку воен, бидејќи Украина добила ограничено количество оружје со долг дострел, „и самите американски претставници постојано рекоа дека еден вооружен систем не може да победи во војна… но тоа е поттик за Украина, чија одбрана пропаѓа“, пренесе Бета.
Дојче веле и некои други медиуми сметаат дека шефот на Белата куќа во заминување сакал да го стави новоизбраниот претседател Доналд Трамп пред свршен чин и да му отежне брзо завршување на војната.
Иако самиот украински претседател Володимир Зеленски најави дека војната ќе мора да заврши дипломатски во 2025 година, постојат различни мислења за тоа. Има мислења дека ни Москва не би го прифатила доколку тоа значи дека не може да ги задржи освоените територии и да го спречи Западот да ја направи Украина членка на НАТО.
Финскиот весник „Сатакунан Канса“ е убеден дека американската поддршка за Украина секако ќе ослаби и одговорноста ќе падне на плеќите на Европа, што не е во интерес на Финска бидејќи „Европа нема ниту лидерство, ниту средства да преземе таква одговорност“ , додека Киев бара повлекување на руските трупи од освоените територии, што е многу тешко да се замисли.
Финскиот дневен весник заклучува дека „интересот на Украина е од мала важност доколку се најде во рампа на интересите на големите сили“.
Медиумите во ЕУ внимателно ги следат и известуваат реакциите во Москва, вклучително и предупредувањето на руски функционер дека светот денес е поблиску до нуклеарна војна отколку во времето на „кубанската криза“ во 1961 година.