Мицкоски за писмото до ЕУ: Се уште правиме анализи, избрзани чекори се лош потег

Се уште правиме анализи, избрзани чекори се лош потег, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање во однос на писмото што беше најавено дека ќе се испрати до ЕУ со предлог-решенија за деблокада на процесот на евроинтеграциите.

-Замолувам за малку трпение. Избрзани чекори се секогаш би рекол лош потег, можеби треба малку да исдигестираат работите за да можеме со ладна глава да отспиеме и да донесеме вистинска одлука. Се е во оптек. Патувам викендов во Австрија, ќе бидам дел од еден настан во Салцбург, потоа ќе имам средби со високи претставници на австриската Влада и австриското општество, претседателот, министерот за надворешни работи. Таму знаете имаше скоро и избори па во тек е формирање на нова влада, ќе видиме како ќе биде со актуелниот премиер, потоа доаѓа претседателката на ЕК, па имаме Европска политичка заедница состанок во Будимпешта на 7 ноември, така што нека се направи една анализа да видиме како сето ова ќе функционира. Ако успееме на овој начин да ја постигнеме целта јас не би брзал со носење, рече Мицкоски.

Во однос на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која ги повика македонските власти „да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање“, Мицкоски кажа дека постојат за жал земји-членки на ЕУ кои не ги почитуваат европските вредности.

-Колку што сум информиран апсолутно ние како држава ги почитуваме и постапуваме доколку постојат такви пресуди од институцијата која што е одговорна да носи одлуки за почитување и непочитување на човековите права, тоа е Судот за човекови права во Стразбур. За жал, имаме земји членки во Европа коишто имаат десетици такви пресуди коишто не ги почитуваат. Претпоставувам тоа ќе важи и за земјите членки не само за кандидатите. Јас би сакал да ја упатам Јотова овој совет да го даде и кон тие земји членки коишто треба конечно да ги почитуваат и коишто се испречени пред можни санкции за почитување на човековите права. Еве имаме такви 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија. Еве, ги повикувам истите овие коишто ни даваат нам совет да ги советуваат и бугарските власти да може да дозволат македонската заедница барем да се организира во невладини организации. Ние не бараме да бидеме дел од Уставот барем од тоа што таму сум го слушнал, туку да се организираат во невладини организации. Тоа е нешто што може да го направат во таа насока, бидејќи јас колку што знам Бугарија како држава е потписник на Резолуцијата за заштита на човековите права. Така што, од прилика тоа би бил мојот коментар, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Јотова, на настан кој се одржал вчера во Ќустендил, на тема „Бугарите на Балканот надвор од границите по 1878 година. Кодекс на опстанок“, под покровителство на потпретседателката, а на кој учествувале и претставници на бугарските заедници од Македонија, Албанија, Грција, Косово, Романија, Турција и Србија, рекла дека „овие права минуваат низ целиот преговарачки процес и ако има барем една земја која верува дека не се почитуваат човековите права, особено оние на претставниците на различни народи и народи, овој процес никогаш нема да заврши“.

-Агресијата, не само вербалната, е непростлива, а кога насилството крие тврдоглава, но длабоко погрешна теза и уште повеќе неисполнување на веќе преземените меѓународни обврски. Веројатно ќе погодите дека станува збор за еден од нашите западни соседи – Република Северна Македонија, за која, за жал, последниве години, наместо за потпишан договор и неговото спроведување кое го носи името „Добрососедство“, сака да одиме во спротивна насока. Неподносливо е кога една страна треба да го трпи недостатокот на почитување на човековите права, со газење на правото на изразување, да кажувате кој сте и од каде доаѓате и со кое потекло, рекла Јотова

- Реклама -