Курти: Имало град на небото, но кога паднал на земја планините на Шара го поделиле на два дела – на Призрен и Тетово

Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека неговата Влада има „целосна поддршка од Владата на Северна Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за проектот на тунел што ќе ги поврзе Призрен во Косово со Тетово во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за Албанско-американскиот културен центар „Струга“ од Ривердејл, Њу Џерси, реализирано за време на неговиот престој во САД, Курти, на прашањето за „обидот на македонската Влада да промени некои закони кои ги засегаат Албанците“ рече дека Косово и Северна Македонија, како две земји „кои се ориентирани кон демократскиот Запад, имаат многу добри односи“.

-Верувам дека Република Косово и Република Северна Македонија имаат многу добри односи како две земји кои се ориентирани кон демократскиот Запад. И Северна Македонија е членка на НАТО и во исто време соработуваме на многу полиња, како резултат на договорите што сме ги склучиле. Наш примарен интерес е патот Призрен – Тетово. Знаете како се вели – имало град на небото, но кога паднал на земја, планините на Шара го поделиле на два дела, на Призрен и Тетово. Ние сега сакаме да ги поврземе со тунел и за ова ја имаме целосната поддршка од Владата на Северна Македонија, рече Курти во интервјуто на Центарот „Струга“ од САД кое денеска го пренесуваат медиумите во Косово.

Новинарот посочува дека актуелната Влада во РСМ ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Христијан Мицкоски и коалицијата на албанските партии ВРЕДИ, која партијата на Курти, Движење Самоопределување (ВВ) ја поддржа на парламентарните избори. Во однос на претходната Влада, чиј дел беше Демократската унија за интеграција на Али Ахмети, Курти рече дека „на почетокот беше многу добронамерна“, но потоа „не одеше“, откако „Северна Македонија стана активна во (иницијативата) Отворен Балкан“.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

-Претходната влада на РСМ на почетокот беше многу добронамерна. Одржавме заедничка седница во септември 2021 година, но потоа не одеше и Северна Македонија стана активна во Отворен Балкан. Затоа, имаме голем интерес Северна Македонија да не биде дел од Отворени Балкан, од една страна, а од друга страна да биде што поактивна за што поскоро спроведување на заедничкиот договор за изградбата на патот Призрен-Тетово, рече Курти.

Според него, на албанскиот партнер во новата македонска владина коалиција треба да му се даде „малку време да се консолидира во владата“.

Косовскиот премиер застана во одбрана на ВРЕДИ, кој е критикуван од албанските партии во опозицијата, оценувајќи дека не верува оти се загрозуваат достигнувањата на Албанците.

-Сега (ВМРО-ДПМНЕ) се во коалиција со албанските партии, со албанска коалиција. Меѓу нив, еден пратеник е од ВВ, Беким Ќоку од Струга. Мора да им дадеме малку време да се консолидираат во владата. Јас не верувам дека се загрозени достигнувањата на Албанците, но верувам дека има обид едно не толку добро наследство што го затекнаа овие кои се сега на власт, да им се припише на тие што го затекнаа, а не на оние што го создадоа, вели Курти во интервјуто за Албанско-американскиот културен центар „Струга“.

- Реклама -