Зеленски: Украина трпи големи загуби поради бавната испорака на оружје

Украинските војници трпат големи загуби поради бавното пристигнување на западното оружје за соодветно опремување на вооружените сили, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.

Зеленски истакна дека ситуацијата во источниот дел на земјата е „многу тешка“, додавајќи дека половина од украинските бригади таму не се опремени, пренесува БТА.

– Затоа губиме многу луѓе. Ги губиме луѓето затоа што немаат борбени возила… немаат артилерија, немаат артилериски гранати, рече Зеленски.

Тој, исто така, забележа дека оружјето ветено од САД и европските земји пристигнува многу бавно.

– Потребни ни се 14 бригади за да бидеме подготвени. Досега… од овие пакети [со пратки оружје] не опремивме ниту четири, посочи украинскиот претседател.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Зеленски овој месец треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и ќе му претстави план за ставање крај на војната. Главните елементи се безбедносна и дипломатска поддршка, како и воена и економска помош, најави Зеленски.

Се очекува тој да му ги повтори на Бајден барањата да и се дозволи на Украина да користи американско оружје со долг дострел за да напаѓа длабоко на руска територија.

– Единственото нешто од што се плаши рускиот претседател Владимир Путин е реакцијата на неговиот народ ако цената на војната ги натера да страдаат. Направете ја Украина силна и ќе видите дека тој ќе седне и ќе преговара, рече Зеленски.

- Реклама -