Заштедени пет милиони евра за една година благодарение на СЕПА

Интеграцијата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) веќе носи практични придобивки за граѓаните и за деловните субјекти, а истовремено нуди и дополнителен потенцијал за зајакнување на економијата преку иновации, дигитална трансформација, поголема конкурентност и подобрена финансиска вклученост, вели вицегувернерот во Народната банка Игор Величковски, во публикација за Европскиот совет за плаќања, по повод една година од интегрирањето на земјава во СЕПА.

2
Заштедени пет милиони евра за една година благодарение на СЕПА
Фото: Нетпрес

Вицегувернерот наведува дека за граѓаните испраќањето 500 евра во земја на СЕПА е во просек шест пати поевтино отколку според моделот на кореспондентно банкарство, додека трошоците за добивање таков трансфер се намалени за половина.

„Испраќањето на 20.000 евра од бизнисите до договорна страна на СЕПА сега чини девет пати помалку според системот СЕПА, со видливи намалувања и на страната на примачот. За завршување на плаќањата во евра претходно беа потребни од еден до три работни дена, а трансакциите преку СЕПА сега се обработуваат во истиот работен ден или, најдоцна, до следниот работен ден“, информира Величковски.

Реклама

Најновите податоци покажуваат дека СЕПА каналот веќе опфаќа речиси 70 отсто од трансакциите, според бројот на влезни и излезни текови, што, резултира со значителни заштеди на банкарските провизии, проценети на околу пет милиони евра во текот на првата година од учеството во СЕПА.

„Тоа се директни финансиски заштеди за домаќинствата и бизнисите, создавајќи дополнителни можности за инвестиции и локален раст, како и потенцијално зајакнување на конкурентноста, особено за малите и средните претпријатија и извозниците“, вели вицегувернерот Величковски.

Тој оценува дека досега има значително зајакнување на ценовната конкуренција, додека промените во бројот и разновидноста на учесниците на пазарот се одвиваат постепено.

„Надоместоците за СЕПА-трансакциите значително се намалија, а цените кај различните даватели на услуги станаа сè поконкурентни“, вели Величковски, подвлекувајќи дека приоритет на Народната банка се инстант плаќањата како следен голем чекор во посветеноста за модернизацијата на националниот платен систем.