ЕУ и Украина потпишаа договор за заеднички безбедносни обврски

Европската Унија и Украина споделуваат заеднички вредности, како демократијата, почитувањето на човековите права и основни слободи и владеење на правото, како и заеднички интереси за мир, безбедност, стабилност и просперитет, се наведува во договорот за заеднички безбедносни обврски што денеска пред официјалниот почеток на Самитот на ЕУ во Брисел го потпишаа претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен и шефот на украинската држава Володимир Зеленски.

– Посветени на овие заеднички вредности и интереси и во согласност со заклучоците на Европскиот совет од јуни, октомври и декември 2023 година и Заедничката декларација за поддршка на Украина од 12 јули 2023 година, Европската Унија и нејзините земји членки, заедно со партнерите, ќе придонесат на долг рок за безбедносни обврски кон Украина, што ќе и помогне на Украина да се одбрани, да се спротивстави на напорите за дестабилизација и да ги одврати актите на агресија во иднина, се наведува во документот.

Во него, како што јави дописникот на МИА, двете страни потписнички ја повторуваат својата решителна осуда на руската агресија врз Украина, како очигледно кршење на Повелбата на ОН, а Европската Унија ја потврдува и својата непоколеблива поддршка на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници од 1991 година, нејзиното право на самоодбрана од руската агресија утврдена во член 51 од Повелбата на ОН и нејзиниот стремеж кон сеопфатен, праведен и одржлив мир.

– Европската Унија повторува дека иднината на Украина и нејзините граѓани е во рамките на ЕУ и потсетува на историските одлуки на Европскиот совет за доделување статус на земја кандидат и за отворање на пристапните преговори со Украина. Европската Унија го поздравува значителниот напредок што го постигна Украина, дури и во услови на тековната војна на Русија против Украина, се додава во договорот.

Во документот се потенцира дека ЕУ и нејзините земји членки се клучни придонесувачи за непосредната и долгорочна безбедност и отпорност на Украина, преку воена и цивилна помош, хуманитарна, финансиска, трговска и економска поддршка, прифаќање на раселените лица, поддршка на реформите, закрепнувањето и реконструкцијата, како и преку рестриктивни мерки, поддршката на механизмите за одговорност, дипломатска поддршка и глобална достапност.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

– Целокупната помош за Украина и нејзиниот народ од страна на Европската Унија и нејзините земји членки досега изнесува речиси 108 милијарди евра, вклучувајќи 39 милијарди евра воена поддршка, од кои 6,1 милијарди евра преку Европскиот мировен фонд (ЕПФ). Новоформираниот Фонд за помош на Украина во рамките на ЕПФ додава дополнителни пет милијарди евра за 2024 година за да обезбеди понатамошна воена помош и обука, а може да се предвидат дополнителни годишни зголемувања до 2027 година, врз основа на украинските потреби и политичките насоки од Советот, се навадува во документот.

Натаму се потсетува дека ЕУ воспостави Украински механизам вреден 50 милијарди евра за да обезбеди предвидлива финансиска поддршка за Украина во периодот 2024-2027 година, од кои веќе се исплатени 7,9 милијарди евра и се согласи да ги искористи приходите од каматите на замрзнатите руски средства за поддршка на земјата.

– Европската Унија е решена да продолжи да им ја дава на Украина и на нејзиниот народ сета неопходна политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка онолку долго колку што е потребно и интензивно колку што е потребно, се потенцира во договорот.

Во документот се нагласува и дека воената поддршка и безбедносните обврски ќе бидат обезбедени со целосно почитување на безбедносната и одбранбената политика на одредени земји од ЕУ и земајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на сите членки.

Од своја страна, пак, Украина се обврзува да продолжи со спроведување на реформите во рамки на напорите за нејзино членство во Европската Унија, како и во областа на безбедноста, разузнавањето и одбраната.

– Ова вклучува цивилен надзор над безбедносните и одбранбените сили, ефикасноста и транспарентноста на одбранбените институции и зајакнувањето на нејзината одбранбена индустрија, врз основа на Европската одбранбена индустриска стратегија, се наведува во договорот.

Покрај ова, Украина презема обврска за зајакнување на транспарентноста и одговорноста во однос на користењето на добиената помош, како и да придонесе за безбедноста на Европската Унија и нејзините земји членки, вклучително и преку споделување на информации.

- Реклама -