ФФМ со реакција за скандалозното однесување на албанскиот репрезентативец кој скандираше против Србите и Македонците

Фудбалската федерација на Македонија денес го осуди однесувањето на албанскиот репрезентативец, Мирлинд Даку по вчерашниот натпревар со Хрватска.

Даку кој по натпреварот го зеде навивачкиот мегафон и заедно со публиката упатуваше пцовки за Македонците и за Србите.

– Ја изразуваме нашата длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлинд Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршување на вчерашниот натпревар Хрватска – Албанија од Европското првенство. 

Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот.

Спортот, особено фудбалот е основа за здржување на луѓето од различна национална припадност и средина за соработка и почит.

Националистичката реторика, сепак, ги поткопува овие принципи, поттикнувајќи поделба и непријателство меѓу навивачите и општествата.

Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како што се ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување ќе прати официјален допис до УЕФА. 

Го повикуваме фудбалерот на Албанија, Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика. 

Исто така, ги повикуваме релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти, стои во денешното соопштение на ФФМ.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Се очекува УЕФА да изрече санкции за скандалозното однесување на Даку.

- Реклама -