„Демократската унија за интеграција е скандализирана од навредливиот наратив на ВМРО ДПМНЕ кој го потврдува флагрантното кршење на изразената изборна волја на албанскиот народ и другите етнички заедници, чие соединување во Европскиот фронт се покажа како втора политичка сила во државата. Седумгодишниот антиалбански наратив наметнат од ВМРО ДПМНЕ создаде искривена, неточна и опасна слика за нашата држава“, порачаа денеска од ДУИ.
„За скандалозниот израз: ‘Ахмети да престане да се однесува како палаво дете кое плаче за играчка која не е негова’, на ВМРО-ДПМНЕ треба да им биде јасно дека Владата не е играчка во нивни и ничии раце и кршењето на волјата на суверенот е антидемократски чин и против Охридскиот договор“, додаваат од партијата.
Како што се наведува во соопштението, ДУИ останува доследна на, како што велат, својот став за „почитување на гласот на албанскиот народ и другите етнички заедници“, бидејќи, додаваат, „тоа е единствената гаранција за стабилност и прогресивен континуитет на земјата“.
„Оваа земја е заедничка и секој треба да придонесе за здрави меѓуетнички и меѓусоседски односи, како и партнерство со Соединетите Американски Држави. Никој да не мисли дека народот ќе дозволи враќање назад од започнатиот пат на еднаквоста и европскиот пат!
Целосниот изборен и демократски легитимитет и кредибилитет му припаѓа на Европскиот фронт и безусловното вазалство на губитниците е предодредено да пропадне бидејќи ја нема поддршката од народот“, се вели во соопштението.