Курти: Со САД имаме добра соработка, но не значи дека секогаш се согласуваме

Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека соработката на неговата влада со Соединетите Американски Држави е „на многу добро ниво“, иако додаде дека да се биде сојузник не значи дека „апсолутно се согласуваме секогаш, на секое место и за сè“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По церемонијата на поставување камен-темелник на фабрика во општина Гњилане, Курти рече дека Владата е должна да ја поддржи новата регулатива на Централната банка на Косово (ЦБК), со која се предвидува забрана на користењето на српскиот динар во Косово.

Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека последните случувања во врска со динарот, односно непочитувањето на барањето на Вашингтон и на другите западни сојузници на Косово за одлагање на спроведување на забраната на динарот, се одразиле на квалитетот на американско-косовското партнерство.

Косовскиот премиер инсистира дека, и покрај таквиот став на официјален Вашингтон, односите на Косово и САД се многу добри.

-Нашата соработка со САД е многу добра, ние сме партнери, сојузници, пријатели, но тоа не значи дека апсолутно се согласуваме секогаш, на секое место и за сè. Значи, од овој аспект имаме нова Регулатива на Централната банка на Косово која Владата на Република Косово, согласно Уставот и законот, е должна да ја поддржи, затоа велам и дека нашите односи се многу добри и јас стојам на овој збор, рече Курти.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Запрашан дали примил покана за средба со српскиот претседател Александер Вучиќ од шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, Курти рече дека ќе оди во Брисел доколку биде поканет да потпише договор со Србија.

Тој информира дека на последната средба со Борел, во Минхен, разговарале за темите на дијалогот меѓу Приштина и Бероград со посредство на ЕУ, како и за важноста на потпишувањето на договорите постигнати минатата година во Брисел и Охрид.

Курти рече дека не му било кажано дека ќе има покана за средба на високо ниво во Брисел.

-Доколку нè повикаат да го потпишеме договорот, јас дефинитивно ќе одам. Јас бев конструктивен и посветен и тогаш кога бевме повикани во Брисел и не може да се каже дека рундата на разговори беше успешна. Ова го правам за ЕУ, но го правам и затоа што мораме да имаме нормални односи со Србија. Што се однесува до мене, односите би се нормализирале уште минатата година, но ако тоа не е направено во февруари и март 2023 година, може да се направи во февруари и март 2024 година, зошто да не“, рече Курти.

- Реклама -