Ројтерс: Путин повторно се кандидира и на власт останува најмалку до 2030 година

Рускиот претседател Владимир Путин одлучил да се кандидира на претседателските избори во земјата закажани за март 2024 година, а со овој потег тој ќе се задржи на власт најмалку до 2030 година, наведува Ројтерс, повикувајќи се на шест свои неименувани извори.

Првиот човек на Кремљ, додава агенцијата, вака одлучил затоа што чувствува одговорност да ја води Русија низ нејзиниот најопасен период во последните децении.

Путин, кому Борис Елцин му го предаде претседателството на последниот ден од 1999 година, веќе е претседател до најдолг стаж по рускиот владетел Јосиф Сталин.

Путин на 7 октомври наполни 71 година.

Изворите, кои разговараа за Ројтерс под услов да останат анонимни, пред се, поради чувствителноста на политиката на Кремљ, наведуваат дека веќе се протечени вестите за одлуката на Путин да се кандидира и дека сега советниците се подготвуваат за неговата претседателска кампања и за изборите.

Прочитајте и:  Павел: Нема мир во Украина без Русија и Кина на преговарачката маса

Доколку навистина се кандидира, за Путин, кој според анкетите ужива 80 отсто поддршка во Русија, и овие избори ќе бидат само формалност, бидејќи тој сигурно ќе победи со поддршка од државата, државните медиуми и речиси без општо несогласување во јавноста.

МИА

- Реклама -