Мицкоски: Правилото „победник со победник“ веќе не важи, ќе направиме сѐ ДУИ по изборите да оди во опозиција

На денешната лидерска средба, премиерот Димитар Ковачевски на Христијан Мицкоски му понудил ВМРО-ДПМНЕ да стане дел од владата и да преземе половина од ресорите на СДСМ, во замена за поддршка за уставните измени. Мицкоски, како што соопшти, му одговорил дека ВМРО-ДПМНЕ се согласува, но само под услов во таа влада да не биде и ДУИ (како и уставните измени да почнат да важат од денот на ратификација на членството на Македонија во ЕУ).

Оттука, по лидерската, Мицкоски беше прашан дали по парламентарните изборите, кои ги посочи како единствен излез од ситуацијата, би формирал влада со ДУИ, ако овие две партии победат. На тоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека од 2017 година веќе не важи правилото влада да формира „победник со победник“ (победникот од македонските партии со победникот од албанските), алудирајќи на тоа дека ДУИ го прекрши „правилото“ кога формираше влада со СДСМ и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ имаше најмногу гласови на изборите во 2016 година.

Прочитајте и:  ВРЕДИ: ДУИ ги држеше Албанците како заложници со договори на дело, ние ќе ги решиме сите неправди кон нив

„Завршена е таа работа. Во иднина ќе мора владите да се прават на основа на политики, на основа на реформи, а не на основа на тоа ‘победник со победник’. Тоа е суштината“, одговори Мицкоски.

„ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе направиме сѐ во рамките на демократијата, законот и Уставот, после следните – дали ќе бидат предвремени или редовни парламентарни избори, каде што очигледен и јасен победник ќе биде ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ да биде во опозиција“, категоричен беше Мицкоски.

Тоа ќе биде добро за ДУИ – да помине одреден период во опозиција поради внатрешно реструктуирање, повтори Мицкоски.

„Секогаш е добро за една политичка структура да помине една своевидна катарза во опозиција, за да може поподготвена да настапи на следните избори и потоа со свежи идеи и политики да биде дел од некоја идна влада“, заклучи тој.

Извор: МИА

- Реклама -