САД ги проценуваат ризиците од протечените доверливи документи на Пентагон за војната во Украина

САД се обидуваат да ги проценат ризиците за национална безбедност поврзани со протекувањето на доверливите документи, што главно се однесуваат на руската инвазија врз Украина, соопшти Пентагон.

Протекувањето на тајните документи што минатата недела ги откри весникот „Њујорк Тајмс“ се однесува главно на проценките и извештаите на американските разузнавачки служби поврзани со војната во Украина, но и на американските сојузници.

„Почната е меѓуагенциска соработка за да се процени влијанието на протекувањето на овие снимени документи врз националната безбедност и врз нашите сојузници и партнери“, изјави портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.

Документите што се шират на социјалните мрежи би можеле да бидат вредни за Москва, откривајќи до кој степен американското разузнавање навлегло во руската војска, јавуваат американските медиуми.

Би-би-си наведува дека не само што овие документи кажуваат многу за состојбата на украинската војска, туку кажуваат и за другите сојузници на Вашингтон – од Израел до Јужна Кореја. Овие документи ги откриваат внатрешните дискусии што споменатите земји ги водат за Украина, како и други чувствителни прашања.

Прочитајте и:  Џентилони: Г7 ќе има рамковен договор за заем од 50 милијарди долари за Украина до октомври

Американското Министерство за правда во саботата веднаш отвори истрага за скандалот, во обид да го идентификува изворот на протекувањето и сè уште ја проценува веродостојноста на објавените документи.

„Вашингтон пост“, пак, повикувајќи се на американски официјални претставници, наведува дека дел од документите се чинат фалсификати. Но, повеќето кореспондираат со извештаите на ЦИА кои циркулираат во Белата куќа, Пентагон или Стејт департментот, додава изворот.

„Њујорк Тајмс“ денеска наведува дека некои документи содржат информации за сојузничките земји на САД, а во еден од нив, на пример, има владини дискусии во Јужна Кореја за можноста за испорака на американски ракети во Украина.

МИА

- Реклама -