Макрон: Европа не смее економски да се одвои од Кина

Европа не смее економски да се „одвои“ од Кина, порача францускиот претседател Емануел Макрон денеска од Пекинг, на почетокот на неговата тридневна посета на земјата.

„Не смееме да се дистанцираме, да се одвоиме од Кина“, рече Макрон, додавајќи дека „трговските односи со Кина треба да продолжат“.

Во контекст на војната во Украина, Макрон рече дека Пекинг може да „игра главна улога“ во изнаоѓањето на „патот кон мирот“.

„Кина штотуку предложи мировен план (…) се работи за волјата да се преземе одговорност и да се обиде да го отвори патот за мир“, рече Макрон, обраќајќи ѝ се на француската заедница во таа земја.

Руската инвазија на Украина, која Пекинг никогаш официјално не ја осуди, е високо на листата на теми за кои Макрон утре ќе разговара со кинескиот претседател.

„Таа војна, која повеќепати ја опишав како империјалистичка и колонијална, прекрши многу принципи на Повелбата на ОН што две членки на Советот за безбедност, како нас, мора цврсто да ги бранат“, рече францускиот претседател.

За Кина и Франција тоа значи дека „со одбрана на овие принципи се обидуваат заедно да најдат начин за мир“, оцени тој.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

„Кина, во нејзините блиски односи со Русија, кои беа потврдени во последните денови со неодамнешната посета на кинескиот претседател на Москва, може да одигра голема улога во решавањето на конфликтот. Затоа е неопходен дијалог со властите во Пекинг“, рече Макрон.

Францускиот претседател и претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, денеска пристигнаа во Кина со цел да ги обноват врските со земјата како важен економски партнер и да разговараат за чувствителни прашања како Украина и економските ризици. Макрон последен пат ја посети Кина во 2019 година, а ова е прва посета на Фон дер Лајен откако таа година стана претседателка на ЕК.

Оттогаш, поради строгите контроли на Кина за пандемијата на коронавирус, сите дипломатски состаноци беа онлајн, а односите со Европа се влошија: прво поради застојот за инвестицискиот договор во 2021 година, а потоа затоа што Пекинг одби да ја осуди Русија за нејзината инвазија врз Украина.

Извор: МИА

- Реклама -