Ковачевски: ЕУ треба да си ги дисциплинира сите свои 27 членки да го почитуваат дигнитетот на македонските граѓани и да го осудат секое негирање

„ЕУ треба да знае дека нашите граѓани, исто така како и Владата, го чуваат своето достоинство, и затоа треба да ги дисциплинира и да им укаже на сите свои 27 земји-членки дека треба да се почитува дигнитетот на македонските граѓани и да го осудуваат секое негирање по каков било основ на кој било граѓанин, на која било институција, од кој било аспект, на македонскиот народ и на македонското општество“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

„Доколку воспоставиме такво ниво на комуникација во кое што ќе се почитуваме меѓу себе со сите земји-членки на ЕУ, вклучително и со Бугарија, од каде што најмногу доаѓаат негативни коментари по однос на различни прашања, тогаш и граѓаните ќе бидат поопределни во однос на ова прашање“, рече Ковачевски алудирајќи на уставните измени, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неодамнешната анкета (која покажа дека ~65% од сите граѓани и 80% од Македонците не поддржуваат внесување на Бугарите во Уставот поради условите без преседан кои Бугарија и ЕУ ѝ ги наметнуваат на земјава за почеток на преговорите и членство во ЕУ).

Според Ковачевски, меѓутоа, и анкетата покажува дека граѓаните сакаат членство во ЕУ и затоа треба да се изгласаат уставните измени, поради што треба да се изгради, вели, широк општествен консензус.

„Ќе се навратам на анкетата; нашите граѓани сакаат да живеат по европски стандард, заслужуваат да живеат по европски стандард, а тоа се прави во земја членка на ЕУ. Меѓутоа нашите граѓани заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ но тука дома во Македонија, а не да живеат во земја членка на ЕУ во туѓина“, рече Ковачевски.

„Ме прашуваат за намалениот број деца во училиштата, но не одат децата од училиштата во странство, одат нивните родители во странство затоа што сакаат да живеат во земја-членка на ЕУ“, додаде премиерот, посочувајќи ги како пример земјите од источниот блок и нивниот напредок како резултат на нивното членство во ЕУ и учеството на заедничкиот пазар од, како што посочи, над 500 милиони луѓе.

„Тоа го сакаат нашите граѓани и Парламентот има обврска заради граѓаните да носи одлуки со кои и нашата земја и целиот овој регион да биде дел од ЕУ“, рече Ковачевски.

Од анкетата, рече Ковачевски, можат да се извлечат повеќе заклучоци:

„Прво дека граѓаните сметаат дека ЕУ е наш најдобар партнер и треба да продолжи да биде наш најдобар партнер. Кога се зборува за најдобар партнер, тоа значи дека граѓаните ја сметаат ЕУ за наш најголем трговски партнер што и де факто е. Нашата надворешна трговија над 80 проценти е со ЕУ, во делот на инвестициите најголем партнер, што де факто и е бидејќи над 70 проценти од странските инвестиции се од ЕУ. Најголем поддржувач на инвестициите и кредитор е Европската банка за обнова и развој. Ако ја погледнеме буџетската поддршка, тогаш ќе видиме дека во два наврати и во ковид кризата и во време на енергетска криза ЕУ за нас определува макрофинансиска помош, еднократна финансиска помош и помош за поддршка на инвестициите дополнително на ИПА фондовите“, додаде Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -