Ковачевски разговарал со Зеленски, најавил и посета на Украина: „Северна Македонија ќе продолжи со воена и хуманитарна поддршка“

Премиерот Димитар Ковачевски денеска остварил телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Во разговорот, премиерот му ја пренел „поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина“, соопшти владината прес-служба.

„Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“, истакнал Ковачевски.

Украинскиот претседател изразил благодарност до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка, а премиерот Ковачевски нагласил дека, како НАТО членка, земјава ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.

Прочитајте и:  Шојгу: Русија нема да преговара со Киев се додека не ги протера терористите од Курскиот регион

Особен фокус на разговорот бил развојот на настаните на воениот фронт, како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, Ковачевски најавил дека ќе ја посети Украина.

- Реклама -