Зеленски пред Конгресот: Благодарение на поддршката, пред сѐ од САД, Украина веќе извојува победа над Русија на бојното поле

По средбата со претседателот на САД, Џо Бајден, во Белата Куќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја продолжи својата посета во Капитолот, каде одржа говор пред двата дома на американскиот Конгрес.

Укажувајќи дека му е голема чест што настапува во Конгресот, тој посочи дека со оглед на големата поддршка на украинските пријатели и партнери, пред сè на САД, на военото поле Украина веќе извојувала победа над Русија.

„Тоа е битка не само за територија, за овие или оние делови на Европа. Се води битка не само за животот, слободата и безбедноста на Украинците или за секоја друга земја во светот која Русија сака да ја завојува. Оваа борба ќе одреди во каков свет ќе живеат нашите деца и внуци, ќе одреди ќе биде ли тоа демократија за Украинците, за Американците, за сите“, рече Зеленски.

Тој уште еднаш потсети дека пред да дојде во Вашинтон, го посетил „градот-тврдина“ Бахмут во Донбас, кој продолжува со херојската одбрана против руската агресија. Спомнувањето на Бахмут законодавците во Конгресот го дочекаа со стоечки аплауз.

Зеленски призна дека Русите имаат предност во артилеријата, во муницијата и во ракетите со голем дострел.

„Тие уриваат сè наоколу, но Украинците ќе ги задржат своите граници и никогаш нема да се предадат“, рече Зеленски.

Тој изрази уверување дека американскиот ракетен систем „Патриот“ ќе помогне во заштита на украинското небо и градови.

Зеленски, исто така, порача и дека не треба да се дозволи „еден терорист да му помага на друг“, што, секако, се однесуваше на Иран и за тоа како ја снабдува Русија со дронови.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

„Украина никогаш не побара американски војници да војуваат на нашата земја наместо нас. Ве уверувам дека украинските војници се способни сами да ракуваат со американските тенкови и авиони“, рече Зеленски.

Актуелната помош за Украина, истакна тој, „не е хуманитарна помош, туку инвестиција во глобалната безбедност и демократија“.

Зеленски истакна и дека украинскиот народ сака мир, но праведен мир. Праведниот мир, рече, е „суверенитет и територијален интегритет на Украина“.

„На Божиќ, милиони Украинци можеби нема да имаат струја и вода, но Украинците нема да се жалат. Нивната цел е достоинствено и со чест да ја продолжат борбата“, рече украинскиот претседател.

При крајот на својот говор, Зеленски уште еднаш им се заблагодари на сите во Конгресот и лично на претседателот на САД, но и на секое американско семејство за помошта во борбата на Украина. На раководството на Конгресот му подари украинско национално знаме – потпишано со имињата на војниците од фронтот во Бахмут, кои ден претходно му го врачија знамето на Зеленски за да го однесе во Вашингтон.

„Ова знаме е симбол на победата во таа војна. Ги држиме редовите, се бориме и ќе победиме затоа што сме обединети – Украина, Америка и целиот слободен свет“, порача Зеленски, пожелувајќи им на сите „нова година на победи“.

Извор: МИА

- Реклама -