МНР со нова вербална нота за бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, ќе има ли осуда од Бугарија?

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека ќе биде упатена формална вербална нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија поради изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба“ Костадин Костадинов.

Костадинов денеска од собраниската говорница на бугарскиот парламент повтори дека „Македонија е бугарска“ и најави дека тоа ќе го докажува и во центрите на европските институции.

„Ќе го направиме тоа што нашата држава не го прави. Ќе зборуваме за бугарската историја, за бугарската култура и за бугарскиот јазик во Европската Унија, во Стразбур, во Брисел, таму каде што се центрите на европските институции, за да стане јасно едно – Македонија е бугарска, отсекогаш била и ќе биде. Македонија е Бугарија. Бугарија е Македонија, да живее Бугарија“, рече Костадинов, пренесува „Слободен печат“.

Во соопштението за новата вербална нота, од МНР потсетија дека и претходно веќе реагирале на изјавите на пратеникот и дека, во реакцијата, посочиле дека очекуваат надлежните институции и политички претставници во Република Бугарија да се оградат и да го осудат „овој говор на омраза во кој неспорно се содржат и територијални претензии“.

„Не само што овие пораки се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи, туку и пораки кои не се ниту во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатлантско сојузништво. За денешниот инцидент формална вербална нота ќе биде упатена до Министерството за надворешни работи на Бугарија“, повторија денеска од МНР.

Инаку, според лидерот на „Преродба“, македонското малцинство во Бугарија е „непостоечко“ и „организирано директно или индиректно од соседната земја“, а не постои ниту македонскиот јазик. Сите идни преводи од македонски на бугарски и обратно, според него, се „национално предавство“.

Во однос на ова, тој најави дека „ќе ги едуцира“ европските партнери за „фактичката вистина за македонскиот јазик“, вклучувајќи ја и шефицата на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, која ја нарече „неписмена“ зашто во Скопје порачала дека македонскиот јазик е признаен и ќе биде официјален јазик во Европската Унија.

„Ние во Бугарија имаме луѓе кои мислат дека во Швајцарија се зборува на швајцарски, во Америка на американски, во Австрија на австриски и дека Баварците зборуваат на баварски… само што тие луѓе не се шефови на Европската Комисија. И таа неписменост не ја оправдува ниту Урсула Фон дер Лајен, ниту нејзините партнери потчинети во Европската Комсиија“, порача Костадинов од собраниската говорница, пренесе „Слободен печат“.

- Реклама -