МНР со вербална нота и за изјавата на Костадин Костадинов од „Преродба“

Министерството за надворешни работи, преку амбасадата на  Бугарија во Скопје, денеска упати вербална нота до бугарското МНР  по повод изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба“ – Костадин Костадинов, кој од говорницата на конститутивната седница на Народно Собрание, Македонија („која сега е Северна Македонија“) ја нарече втора бугарска држава.

Во нотата, МНР изразило „крајно незадоволство“ од содржината на изјавата во која, како што велат од министерството, „јавно се изразуваат иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија“.

„Го повторуваме апелот дека ваквите изјави се директно спротивни на интенцијата на двете држави да го почитуваат и да го негуваат духот на Договорот за пријателство и добрососедство, во насока на создавање блиски и пријателски односи базирани на меѓусебна почит и соработка“, се наведува во соопштението на МНР.

Токму во духот на добрососедството, додаваат од МНР, очекуваат релевантните политички и институционални фактори во Република Бугарија да се оградат и да ги осудат ваквите провокации и обиди за нарушување на добрососедските односи.

- Реклама -