Кулеба: Путин е терорист, сугестиите дека бил испровоциран се бесмислици

Единствената тактика на Путин е терор врз мирните украински градови, но тој нема да ја разбие Украина, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, по денешните ракетни напади ширум Украина.

„Ова е и неговиот одговор на сите смирувачи кои сакаат да разговараат со него за мир: Путин е терорист кој зборува со проектили“, додаде Кулеба, практично надоврзувајќи се на изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека континуираниот „државен тероризам“ на Москва врз цивилното украинско население ги прави невозможни преговорите за мир.

Кулеба ги искоментираше и, според него, „бесмилиците“ дека денешните напади врз Украина биле испровоцирани, а воедно и најновите закани од Путин.

„Овој нон-сенс дека Путин бил ‘испровоциран’, мора да запре. Нему не му е потребно ништо за да го ‘испровоцира’ да изврши страшни злосторства“, напиша Кулеба, додавајќи дека Путин ја напаѓа Украина затоа што е очаен и користи ракетен терор за да се обиде да го промени темпото на војната во своја полза.

Во тој контекст, Кулеба ги повика и интернационалните медиуми „да престанат да ја префрлаат вината кај жртвата“, алудирајќи на Украина, со тоа што сугерираат дека Путин „одговорил“ или „бил испровоциран“.

Прочитајте и:  Туск: Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, заканата од глобален конфликт е сериозна и реална

Претходно Путин изјави дека денешните напади врз Украина се извршени како одмазда за „терористичките напади на руска територија“, алудирајќи на нападот врз мостот на Крим.

Москва тврди дека цели на нападот биле воена, енергетска и комуникациска инфраструктура, но фотографиите и извештаите од местото на настанот, како и билансот на жртвите, покажуваат друга слика – дека ракетите таргетирале и станбени згради.

Украинското воено разузнавање, пак, во меѓувреме соопшти дека Путин денешниот напад го наредил на почетокот од месецот.

„На 2 и 3 октомври, руските окупациски сили добија наредба од Кремљ да подготват масовни ракетни напади врз украинската цивилна инфраструктура. Воените единици за стратешки и воздушни напади со долг дострел добија наредба да подготвуваат напади. Критичните цивилни инфраструктурни објекти и централните делови на густонаселените украински градови се идентификувани како цели“, се посочува во соопштението.

Извор: МИА

- Реклама -