Османи: Повторно се појавија неточни информации за содржината на Протоколот за да се нарушат консултациите за францускиот предлог

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, соопшти дека во јавноста повторно се појавиле, како што вели, неточни информации за содржината на Протоколот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, кој треба да претставува записник од предвидената Заедничка меѓувладина комисија која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година.

„Во јавноста е пласиран текст на бугарски јазик, кој претставува стара и неконечна верзија, како дел од бројните сет идеи кои во минатиот период се разменуваа меѓу двете министерства за надворешни работи“, посочува Османи.

Пласирањето на овие неточни информации во ваков чувствителен момент, оценува Османи, е тенденциозен обид да се наруши процесот на широки консултации за францускиот предлог за отстранување на ветото и продолжување на европските интеграции на земјава, кој во моментов е во финална фаза во Собранието на Република Северна Македонија.

Шефот на дипломатијата, притоа, додава дека „содржината на евентуалниот Протокол меѓу двете земји, како записник од идната седница на Заедничката меѓувладина комисија, финално ќе биде усогласена на самата седница на оваа Комисија“.

- Реклама -