Османи: И овој предлог не е идеален, но ни овозможува по 17 години да го фатиме последниот воз

Министерството за надворешни работи официјално ѝ препорача на Владата дека треба да се прифати предлогот на Европската Унија, вклучувајќи го ставот на експертите, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи во „Топ Тема“ на ТВ „Телма“.

„Мислам дека разговорите денеска беа отворени, транспарентни, се надеваме ќе го заокружиме брзо овој процес“, истакна Османи.

Тој посочи дека не смета дека овој предлог е идеален, но, како што рече, ни овозможува, после 17 години, влегување и фаќање на последниот воз за пристап во ЕУ.

„Се разбира дека секое решение, предлог којшто треба да задоволи две страни, е компромисен и дека не е идеален само за едната страна, било кој предлог ќе треба да ги остави двете страни подеднакво задоволни или незадоволни. И за овој предлог мислам дека не е идеален, но дека ни овозможува после 17 години влегување и фаќање на последниот воз за пристап во ЕУ“, рече шефот на дипломатијата.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

Тој потсети дека бугарските позиции претходно биле дека не треба да има македонски јазик во ЕУ и дека треба да има поглавје 35 во кое сите барања на Бугарија ќе бидат таму.

„Ние сега имаме рамка во која има чист македонски јазик кој станува официјален јазик на ЕУ без никакви додавки, квалификации. И со тоа после децении се завршува прашањето на македонскиот јазик. Мислам дека тоа е најголемата добивка, најголемиот успех. Најголемата победа на овој предлог е што засекогаш се затвори меѓународното оспорување на јазикот“, заклучи тој.

Во делот на фундаменталните прашања во последниот предлог каде се патоказите по кои мора да одиме, според Османи, единствено имало акциски план за човекови права кој, според него, апсолутно не е спорен и во кој државава ќе дозволи почитување на човековите права на сите етнички заедници, не само Бугарите.

Извор: МИА

- Реклама -