Ципрас: ЕУ подобро да не дава ветувања што не може да ги исполни

Атина, 27 јуни 2022 (МИА) – Подобро да не даваш ветувања, ако не си во позиција да ги исполниш, вели лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервјуто за „Euroactiv“, говорејќи за европската перспектива на земјите од регионот и позицијата на ЕУ за Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.

„Одлуката на Европската Унија на Самитот ја потврдува некредибилноста на Европа кон оние земји кои направија многу важни чекори и континуирано се одложува перспективата за датум за пристапни преговори. Подобро да не даваш ветувања, ако не си во позиција да ги исполниш“, рече Ципрас.

Додаде дека се прашува каква ќе биде сликата во Украина која по брза постапка доби кандидатски статус, кога гледа дека овој статус не значи ништо и може да остане да чека многу години.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

„Мислам дека ова е уште еден пример за неспособноста на Европската унија во целина да носи колективни одлуки со стратешки фокус. И мислам дека веќе плаќа за тоа и ќе го плати во иднина“, истакна лидерот на СИРИЗА.

На прашањето дали поради актуелната ситуација во ЕУ со перспективата на регионот „џабе беше постигнат Договорот од Преспа“, Ципрас вели дека „сигурно не беше џабе, бидејќи е договор што го врати Западен Балкан на патека на стабилност и нашиот регион во перспектива на мир и соработка далеку од влијанијата на третите сили во регионот, како што се Турција и Русија, кои имаа големо влијание на регионот“.

- Реклама -