Сега чекаме нов предлог од Франција, но нема да има компромис со државните и интересите на граѓаните – велат Османи и Маричиќ

Прашањето за македонскиот јазик и историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и секвенционирањето на чекорите за вклучување на Бугарите во Уставот и почетокот на преговорите, се прашањата од кои ќе зависи конечната нашата одлука да се прифати или одбие предлогот на францускиот претседателство, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој потенцира дека она што во јавноста излезе како „француски предлог“ всушност е работната верзија на преговарачка рамка и други заклучоци што се доставени до земји членки и во кои има „загради и прашања“, а не конечна верзија на предлогот.

„Во преговарачката рамка нема прашања и формулации во загради. Тоа значи дека тоа се неусогласени формулации“, појасни Османи.

Во однос на Резолуцијата усвоена во бугарското Собрание со кој се изразува ставот на Бугарија по однос на предложениот текст, Османи потенцира дека не може да ја коментира затоа што ја нема видено.

„Прво, треба да видиме што текст има изгласано Република Бугарија и како тоа ќе се одрази на тоа што француското претседателство ќе го достави како конечен предлог, бидејќи верзијата која што беше споделена со земјите членки е работна верзија, која што не е завршена. Одредени прашања за коишто двете земји не успеавме да се усогласиме, останаа во загради како нерешени, односно неусогласени прашања. Така што допрва треба да видиме што точно и која е бугарската позиција“, рече Османи.

Тој додаде дека сега врз основа на официјалната формална позиција на Бугарија и нашата што вчера јавно ја претстави премиерот Димитар Ковачевски во Брисел, треба да се види каков пристап ќе има француското претседателство.

„Ќе бидеме во комуникација со нив наредните денови и да видиме што ќе достават како конечен предлог“, додаде Османи.

Тој нагласи дека сега имаме формална позиција на Бугарија и од наша страна што вчера ја презентира премиерот Ковачевски.

„Тие се главните точки коишто за нас се судбински – јазикот, историските прашања како главен критериум за напредување во преговорите и динамиката на уставните промени. Знаете дека има разлика помеѓу бугарскиот став и нашата позиција која што вели дека ние не можеме да имаме уставни промени ако немаме почеток на преговори. И верувам дека француското претседателство првпат ги има бугарските позиции и нашите позиции и сега тие треба да имаат крајна одлука и каков предлог ќе предложат“, потенцира шефот на дипломатијата.

Тој информира и дека ставот што го презентира премиерот Ковачевски од претходно му бил пренесен на француското претседателство, но дури вечера беше обелоденет јавно затоа што било проценето заедно со нашите партнери и пријатели дека не треба да се даде јавен став за да не влијаеме на процесите во Бугарија пред гласањето доверба на Владата на премиерот Кирил Петков.

Вицепремиерот Маричиќ од своја страна потенцира дека нашата Влада направи сериозни напори и во изминатите години, но особено во овој состав во изминатите неколку месеци на повеќе нивоа, да разговара искрено и отворено со Бугарија за да ги исполниме нашите надворешно политички цели.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Нашата цел е пристапување во членство на ЕУ, но секако во исто време и заштита на нашите интереси во смисла на јазик и идентитет и започнување на процес на преговори којшто ќе биде одржлив и пакет којшто ќе можеме да го спроведеме и имплементираме на тој начин што ќе не доведе до членство, а не до нови блокади. И затоа е важно во таа задача која што ни е дадена од Владата да се грижиме за овие интереси и да работиме на тоа. Ние не можеме ниту да се откажеме од нашиот пат кон ЕУ, затоа што тоа е утврдено уште при нашата независност, но исто така не можеме да се откажеме од некои позиции коишто се важни за секоја држава“, истакна Маричиќ.

Тој дополни дека во моментот кога земјава ќе добие каков било официјален предлог, тој ќе биде достапен на разгледување и до Владата и до коалициските партнери и во некоја форма ќе биде консултирано Собранието, преку Комисијата за надворешни работи.

Запрашан дали ќе понесат одговорност поради „неуспехот да се отпочна преговорите“, Османи одговори дека прашањето на успех е релативно и зависи што значи успех.

„Дали е тоа заштита на интересите на државата и државните позиции или нешто друго. Ние не го квалификуваме ова прашање како црно-бело прашање на успех или неуспех. Ова е наша безалтернативна борба да станеме членка на ЕУ, а притоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните. И тоа што ќе кажам е дека нема да правиме компромис по ниту едното, ниту другото прашање. Ќе станеме еден ден членка на ЕУ, но со заштитени државни и национални интереси“, нагласи Османи.

Во однос на одговорноста, вицепремиерот Маричиќ рече дека за секоја држава е важна заштитата на јазикот и идентитетот и достоинствено да чекори на патот кон ЕУ, секако имајќи ги предвид добрососедските односи како битен критериум којшто ни е ставен во рамката, односно во критериумите за пристапување кон ЕУ.

„Во таа смисла наша одговорност беше и наша одговорност е да се грижиме за овие работи, простор за одговорност надвор од ова не гледам и мислам дека многу поголема е одговорноста на одредени личности или структури коишто се обидоа да ја нарушат државната стратегија со своето пренесување на вести или пак информации до политички партии, до медиуми коишто беа ниту проверени, ниту конечни, со цел да се креира една таква атмосфера. Ние кажавме дека е важно овој процес да го водиме мудро и кажа министерот дека ни било дел од стратегијата да ги соопштиме нашите ставови на Самитот, а претходно е комуницирано со нашите партнери“, рече Маричиќ.

МИА

- Реклама -