Османи: Резолуцијата на бугарскиот Парламент долгорочно ќе го блокира европскиот процес

Резолуцијата усвоена денеска во бугарскиот парламент, долгорочно ќе го блокира европскиот процес и ќе ги парализира инструментите од Договорот за пријателство на долг рок, објави министерот за надворешни работи – Бујар Османи, претпладнево на Фејсбук.

„Два збора стојат помеѓу успехот и неуспехот на Европската Унија во регионот. Зборот ‘протокол’ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот ‘отворање’ во параграф шест од заклучоците на советот. И двата збора не се во францускиот предлог како финални решенија, туку се ставени (дел од нив и во заграда) како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија. Усвојувањето денес на резолуцијата во бугарскиот Парламент, во која се потенцираат токму овие две прашања, ќе го блокира долгорочно европскиот процес и воедно ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство на долг рок“, напиша шефот на македонската дипломатија во објавата.

Во однос на францускиот предлог, Османи пишува дека француското претседателство било „многу внимателно при срочувањето на текстот“ и притоа внимавало „на сензитивностите на двете страни“. Затоа, вели Османи, прашањата кои не биле прифатливи за нас се ставени како недефинирани предлози, односно во заграда, за да се потенцира дека тие се прашања кои не се решени.

„Оттука ние само можеме да се заблагодариме на Француското претседателство, но моравме да го одбиеме нивниот предлог во ваква форма токму поради деловите во него за кои бугарската страна без никаква аргументација не покажа разбирање“, додава Османи.

- Реклама -