Ковачевски од Брисел: Бараме почит за лингвистичкиот, етничкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ

Ова што се случува денеска е сериозен проблем и сериозен удар врз кредибилноста на ЕУ и поради тоа губиме скапоцено време кое реално го немаме на располагање, порача денеска во Брисел премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама по завршување на Самитот ЕУ-Западен Балкан, на која „гласно“ го отфрли францускиот предлог како неприфатлив.

„Имајќи ги предвид околностите во кои се наоѓаме, на самитот денеска изразив незадоволство од динамиката со која се одвиваат процесите за пристап и отпочнување на преговорите. Северна Македонија е земја кандидат близу 18 години. Договорот за стабилизација и асоцијација го потпишавме пред точно 21 година. Во март 2020 Европскиот совет донесе одлука за безусловен старт на преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Но, еве сме тука денеска, а преговорите сѐ уште не се започнати“, истакна Ковачевски, додавајќи дека Северна Македонија и Албанија, но и регионот, не смеат да си дозволат да тапкаат во место поради, како што рече, „една земја членка која едноставно не успева да се искоординира и да обезбеди деблокирање на нашиот европски пат“.

Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем, подвлече Ковачевски.

„Северна Македонија е земја која светот денес ја препознава како земја која успева преку отворен дијалог да разреши горливи и тешки прашања. Како земја која е посветена на изнаоѓање заеднички прифатливи решенија кои се базирани на европски вредности и достоинство на граѓаните“, рече премиерот, потенцирајќи дека со истата идеја влеговме и во процесот на преговори со Бугарија – „искрено и со желба истите да се поставени на европски вредности“.

За разлика од земјава, фокусот на Бугарија е кон минатото, оцени Ковачевски.

„Месеци наназад инсистиравме да си го посветиме времето и вниманието кон иднината и кон изнаоѓање решенија кои ќе го деблокираат процесот за пристапување и за Северна Македонија и за Албанија. Бугарија, пак, од друга страна, реши да се врати во минатото и повторно да постави блокада која никому не оди во прилог, освен на одредени трети страни кои ќе имаат отворен терен да ги пополнат празнините кои неминовно ќе се отворат со вакви непромислени чекори што е исклучително важно од геостратешки аспект“, рече тој.

Прочитајте и:  Мицкоски за пренамена на средствaта за Коридорот 8: Жалам што Бугарија за внатрешно-политички потреби прави политика од сето ова

Ковачевски потсети и дека ниту една друга земја, сега членка на ЕУ, немала проблеми со своите идентитетски особености при влезот во ЕУ. Тоа е сѐ што и ние бараме, порача тој.

„Би сакал да заклучам со следново. Сите 27 лидери, 27 нации, 27 земји кои се приклучија на ЕУ сите се приклучија гордо со сите различности и со целосна почит за своите и за туѓите културни, лингвистички и историски различности. Ништо од ова не било проблематизирано на европскиот пат. Тоа е она што и ние го посакуваме. Ништо повеќе и ништо помалку. Почит за лингвистичкиот, етничкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ и да се приклучиме во Унијата гордо заедно со сите членови на ЕУ, заедно со сите народи членки на ЕУ и секако исполнувајќи ги сите критериуми за членство“, порача премиерот.

Во меѓувреме, посочи Ковачевски, С. Македонија, Албанија и Србија активно и практично ќе ги имплементираат четирите слободи на кои почива ЕУ, ќе ги европеизираат општествата и ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните преку иницијативата „Отворен Балкан“.

„Иницијативата ‘Отворен Балкан’ не е замена за ЕУ, но е контекстот кој е потребен додека се приклучиме на семејството на ЕУ додека чекаме предвидливи кредибилни забрзани евроинтеграциски процеси“, повтори тој.

Во однос на иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за воспоставување на европска политичка заедница како платформа за стратешки политички дијалог и одлуки кои се важни за целиот европски континент, Ковачевски рече дека ја поздравуваат оваа иницијатива и сметаат дека е важно да се воспостави токму во овој момент, но дека треба да видиме како ќе функционира и кои се конкретните цели.

Извор: МИА

- Реклама -