Реакција на Лавров: На НАТО му се потребни земји како С. Македонија и Црна Гора за да одржуваат антируска политика и закана

Рускиот министер за надворешни работи – Сергеј Лавров, на вонредната прес-конференција што ја свика поради неможноста да патува за Белград, изјави дека е без преседан одлуката за забрана за прелет на неговиот авион од страна на соседите на Србија (вклучително и Македонија, што беше причина за откажувањето на посетата.

Како што рече Лавров, против Русија се води политика на двојни стандарди.

„Се случи нешто незамисливо. На суверена држава ѝ е одземено правото да води надворешна политика. Меѓународните активности на Србија во руска насока се блокирани“, изјави Лавров.

„Тие ќе кажат дека тоа им го кажале ЕУ и НАТО, а НАТО и ЕУ ќе кажат дека земјите сами одлучуваат“, додаде шефот на руската дипломатија, испраќајќи категорична порака дека „никој, ама баш никој нема да ги уништи односите на Русија и Србија“.

Според него, тешко е да се извлече поинаков заклучок освен тоа дека „НАТО и ЕУ сакаат да го претворат Балканот во свој Балкан, таканаречен Затворен Балкан“.

Обвинувајќи за антируска политика, Лавров потсети и на, според него, „воено-поттикнувачката“ изјава на Жозеп Борел.

„Јасно ви е колку ги чини Црна Гора и Северна Македонија членството во НАТО и зошто на НАТО му се потребни такви земји – да одржуваат антируска политика и закана, да бидат нивни бази за таква политика“, рече Лавров.

Тој истакна дека во Белград биле предвидени разговори од поширок спектар, вклучително и за Косово и за БиХ, и да се одржат повеќе церемонии и состаноци, на една од кои Лавров требало да се запише во книгата на жалост за ослободителите на Белград – пораката што планирал да ја посвети на сите граѓани на Србија.

Прочитајте и:  Кремљ одби да ги коментира обвиненијата за напад со „Кинжал“

Лавров ги спомна и анализите за одложувањето на неговата посета на Белград во медиумите во регионот, вклучително и Хрватска, посочувајќи дека тие пишувале дека „Лавров е персона нон грата“ и дека Лавров сакал да го престигне Шолц, кој исто така доаѓа во Белград. „Тоа го оставам на совеста на тие аналитичари бидејќи е понижувачко“, рече рускиот министер за надворешни работи.

Според него, САД можат да отидат и дотаму што можат да најдат изговор (повторно) да ја бомбардираат Србија:

„Америка сега може да каже, и тоа така функционира, дека Белград е закана за нивната безбедност, па да го бомбардира, како што рекоа дека Ирак е закана за нив па го бомбардираа, како што рекоа и за Либија, која, како и Ирак, е илјадници километри далеку. Тоа им е закана за безбедноста, а нашето објаснување е јасно, одамна го повторивме, тоа сè се случуваше на нашата граница, ова со Украина, а не некаде таму далеку. Но сите тие наши предупредувања, особено до НАТО кој се доближи до границата со Русија, беа игнорирани“, рече Лавров.

Тој оцени дека политиката на ЕУ на Балканот е во суштина на иста линија со политиката на ЕУ во Украина. Единствената разлика, според него, е што за Украина поддршката оди за „оние кои објавија војна на сѐ што е руско“, додека на Балканот поддршката е за оние што „ги ограничуваат интересите на Србија“.

Извор: МИА

- Реклама -