Ковачевски: Неотворањето на преговорите нема да биде пораз за Северна Македонија, туку за ЕУ

Неотворањето на преговорите со ЕУ нема да биде пораз за Северна Македонија, туку пораз за ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.

„Тоа е пораз за ЕУ. Сметам дека е така затоа што неотворањето на преговорите ќе значи намалување на релевантноста на ЕУ, ќе значи зголемување на евроскептицизмот, ќе значи намалување на посветеноста на самите граѓаните кон процесот. Да не заборавиме, ние имаме направено голем број на жртви, голем број на тешки одлуки за да ја оствариме таа цел“, рече Ковачевски.

Тој е дециден дека нема отстапување од целта за членство во ЕУ како стратешката определба, бидејќи, како што рече, тоа е определба и на доминантниот дел од населението во земјата. Во однос на неговите очекувања, рече дека останува „рационален оптимист“ и останува посветен на остварувањето на таа цел.

Прочитајте и:  Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

Ковачевски потенцираше дека од геополитички аспект, особено во контекст на случувањата во Европа и пред сѐ војната во Украина, проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само политичко и економско, туку и безбедносно прашање, затоа што, како што посочи, од замрзнати конфликти и отворени прашања секогаш интерес имаат трети страни на кои не им е во прилог овој регион да биде интегриран во ЕУ.

Извор: МИА

- Реклама -