Русија: Ќе продолжиме да користиме хиперсонични ракети во Украина

Руската армија денеска соопшти дека ќе продолжи да ја користи својата најсовремена хиперсонична ракета „Кинжал“ за гаѓање исклучително важни цели во Украина.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави дека хиперсоничната ракета „ја докажала својата ефикасност со уништување на добро обезбедени специјални објекти“.

Конашенков истакна дека ракетата „Кинжал“ била употребена во петокот при нападот на магацинот за ракети во Делијатин, кога првпат тоа ново оружје беше употребено во борба. Новата ракета е употребена и во нападот на складиштето за гориво во Костијантиновка, во близина на црноморското пристаниште Миколаев, во текот на викендот.

„Ракетите ‘Кинжал’ беа истрелани од далечина поголема од 1.000 километри“, изјави Конашенков.

Висок претставник на американското Министерство за одбрана, пак, денеска изјави дека САД не можат независно да го потврдат или отфрлат тврдењето на Русија дека истрелала хиперсонични ракети кон украински цели, но дека, според него, гледано од воена гледна точка, употребата на такво оружје нема многу смисла.

„Можеби се обидуваат да испратат порака до Западот. Од воена перспектива тоа (употребата на хиперсонично оружје) не е многу практично“, рекол официјалниот претставник, кој побарал да остане анонимен.

Прочитајте и:  НАТО: Нема индиции за некаков намерен напад на територија на Алијансата

„Кинжал“, едно од многуте хиперсонични оружја што Русија ги разви во изминатите години, има дострел од 2.000 километри и лета со брзина десет пати поголема од брзината на звукот. Брзината, маневрирањето и висина на летот на хиперсоничните ракети го отежнуваат нивното следење и во моментов практично не можат да бидат пресретнати од ниту еден систем за противвоздушна одбрана.

Големите светски сили, како што се Русија, Кина и САД, подолго време се во трка за развој на хиперсонични ракети. Москва не го крие задоволството од развојот на модерното оружје, а претседателот Владимир Путин во декември ја прогласи Русија за глобален лидер во хиперсонични ракети.

Хиперсоничните ракети најчесто летаат пет пати побрзо од звукот (околу 6100 километри на час или километар и пол во секунда), а некои руски ракети, како што е системот „Киндџал“, наводно може да постигнат брзина од околу 12.300 километри на час и да помине далечина од 1.930 километри. Покрај конвенционална намена, руските „Кинжал“ имаат и нуклеарна – односно можат да носат нуклеарни боеви глави.

Извор: МИА

- Реклама -