Османи до европратениците: Доколку ЕУ преговорите не започнат во наредните недели, ќе настрада политичкиот ентузијазам

Министерот за надворешни работи – Бујар Османи, попладнево се обрати пред европратениците членови на Комисијата за надворешни работи, и од нив доби недвосмислена поддршка преговорите за членство со ЕУ да започнат веднаш, јави дописничката на МИА од Брисел.

Османи ги потсетил европратениците колку долго Северна Македонија е во чекалната, колкав е степенот на усогласеност со потребните реформи на ЕУ, но и на непоколебливата македонска поддршка во санкциите против Русија поради нападот врз Украина.

Османи притоа ги предупредил и дека ново одлагање на преговорите не само што ќе има последици врз кредибилитетот на ЕУ во земјава и во целиот регион, туку и дека може да има последици и врз безбедносната ситуација, во време кога, како што истакна, Русија се обидува да се меша и влијае на внатрешните состојби кај сојузниците на ЕУ. Османи посочил и дека Москва веќе еднаш се обидела да се меша во внатрешните работи – произведувајќи низа лажни вести, за време на Преспанскиот договор.

„Нашите европски аспирации мораат конечно сериозно да бидат земени во предвид. Северна Македонија, со нејзината граѓанска и политичка мудрост ги избегна сите екс југословенски војни и подоцна, во 2001 година, покажа дека дека знае како се креира мир, соживот, како се почитуваат човековите права и правата на малцинствата. И ние немаме намера да застанеме во борбата за освојување на демократските вредности“, изјавил Османи пред европратениците, споделувајќи со нив и резултати од последните истражувања на јавното мислење во земјава, кои јасно покажуваат пад на ентузијазмот кон ЕУ кај граѓаните.

„Бројките што ги споделивте се загрижувачки, и сметам дека како ЕУ имаме огромна одговорност да ја вратиме довербата“, реагирала европратеничката од редовите на Зелените, Тинеке Стрик.

Како што јавува дописничката на МИА од Брисел, речиси без исклучок присутните европски пратеници побарале веднаш да се даде зелено светло за почетокот на преговорите со земјава, како и со Албанија, а дел од нив и директно ѝ се обратиле на Бугарија, повикувајќи ја да ја тргне блокадата на преговорите, која се основа на билатерални прашања. Стрик ја повикала владата во Бугарија веднаш да го одобри стартот на преговорите, а истото го направил и претседателот на Комисијата за надворешни работи – Дејвид Мекалистер, но без да ја именува Бугарија:

„Времето конечно дојде да се отворат преговорите за членство со оваа земја која толку многу години чека. Дававме ветувања по ветувања и сега ја повикуваме нашата драга земја членка конечно да даде зелено светло“, порачал Мекалистер, пред да го затвори состанокот.

Самите бугарски европратеници покажале поконструктивен однос од вообичаеното на овие седници, оценува дописничката на МИА, посочувајќи дека екстремно-десничарскиот бугарски европратеник познат по своите провокации – Ангел Џамбаски, кој никогаш не ја пропушта приликата да даде потпалувачки изјави за земјава, овој пат имал технички проблеми и не успеал да се вклучи.

Бугарската европратеничка од редовите на социјалистите, пак – Елена Јончева, побарала од Османи да каже дали Бугарите во земјава ќе бидат вметнати во Уставот и дали за тоа постои „силна политичка волја“. Со оглед на тоа што преговорите меѓу Скопје и Софија сѐ уште траат, Османи не дал одговор на ова прашање, но им порачал на бугарските европратеници дека е време двете земји да се свртат кон иднината.

„Во регионот ни треба заедничка иднина, во овие непредвидливи времиња, заеднички се предизвиците и за вас и за нас. Руската агресија ве засега и вас во Република Бугарија, и нас во Република Северна Македонија, затоа треба да се, здружиме за да го консолидираме регионот“, рекол шефот на македонската дипломатија (на македонски јазик), како одговор на прашање на бугарскиот европратеник Јорданов, кој сакал да знае зошто билатералните проблеми би се решиле полесно откако ќе започнат преговорите, ако не можат сега да се решат.

Османи, воедно, предупредил и дека доколку не започнат преговорите во наредните недели, ќе настрада политичкиот ентузијазам, сепак потенцирајќи дека ќе остане европската заложба на земјава.

„Затоа ни е потребно решение во наредните недели, под француско претседателство. Повеќе од било кога има разбирање дека проширувањето е пред сѐ безбедносна политика – не е само прашање на кредибилитет, туку на консолидација на безбедноста во регионот и на континентот“, порачал Османи од Брисел, пренесува МИА.

- Реклама -