Европратеници бараат замрзнување на преговорите за членство на Србија сѐ додека не се приклучи на санкциите за Русија

Белград, 12 март 2022 (МИА) – Девет европратеници од либералната група „Обнова на Европа“ (Renew Europe) испратија писмо до претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, и високиот претставник на ЕУ – Жозеп Борел, во кое бараат привремено замрзнување на преговорите со Србија и стопирање на финансиската помош од ЕУ додека Белград не го усогласи ставовите со ЕУ за Русија, јави дописникот на МИА од Белград.

Писмото во кое „Јуропиан Вестерн Балканс“ (European Western Balkans) имаше увид, меѓу другите го потпишал и Никола Бер, потпретседателка на Европскиот парламент и член на владејачката Слободна демократска партија на Германија. Меѓу другите потписници се Клемен Грошељ од Словенија, Илхан Ќучук од Бугарија, Петрас Аустевичиус од Литванија, Урмас Пает од Естонија и Барт Гротиус од Холандија.

„Цврсто сме убедени дека Србија покажува опасно придвижување кон авторитаризам, што е во остра спротивставеност со нејзината паралелна аспирација за влез во ЕУ, а оваа двосмисленост кулминираше со одбивањето да воведе санкции кон Русија како одговор на нејзината агресија врз Украина. Затоа ја повикуваме Комисијата уште еднаш да ги повика српските власти да се приклучат на заедничкиот став на ЕУ за Русија. Доколку Србија уште еднаш одлучи да го игнорира овој повик, бараме привремено замрзнување на преговорите за пристапување во ЕУ со српската Влада и ускратување на финансиската поддршка од ЕУ земјите, сè додека не преземе веродостојни, опипливи и недвосмислени активности со цел на усогласување на своите изјави, политики и вредности со Европската Унија“, се наведува во писмото.

И покрај привременото замрзнување на финансиската помош, пратениците изразија поддршка за граѓанското општество и малите и средни претпријатија во Србија.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

„Србија има целосно право да го следи моделот на Путин ако сака, но мора да биде јасна во своите намери и да престане да се преправа дека има сериозни аспирации за членство во ЕУ. Србија е слободна да одлучи во кој правец сака да оди, но не може и понатаму да се смета за доверлив соговорник и не може да продолжи да ја користи претпристапната финансиска помош додека не се одлучи“, се истакнува во писмото.

Исто така се наведува и дека Србија само пред неколку месеци влегла во десеттата година од преговорите за влез во ЕУ со различни степени на напредок и отворање на нови кластери.

„Отсекогаш сме биле свесни за значајните економски, социјални и културни врски на Србија со Русија, поради што српските власти задржаа двосмислена позиција во однос на нивните вистински намери да ги почитуваат обврските преземени во рамките на пристапувањето во ЕУ. Србија во последните години ја зајакна соработката со режимот на Путин, особено во енергетската и воено-техничката соработка, ги зајакна односите со Лукашенко во Белорусија и доби дарежливи донации на оружје од двете земји“, се вели во писмото.

Се проценува дека Србија, за жал, исто така значително назадувала во областите како владеење на правото, човековите права, слободата на медиумите и слободата на изразување.

„Навистина е зачудувачки да се види како, по години претпристапна поддршка и интензивни пристапни преговори, српскиот медиумски амбиент, строго контролиран од владејачката партија СНС, го фали Путин и шири лажни вести за ЕУ и руската агресија во Украина на дневно ниво“, се наведува во писмото.

- Реклама -