Путин нареди распоредување на војници во источна Украина

Рускиот претседател Владимир Путин вечерва наредил распоредување војници „за да се зачува мирот“ во регионите на источна Украина, Луганск и Доњецк, кои се под контрола на сепаратистите, а кои Москва од денеска ги признава како независни држави, јави ДПА.

Претходно Би-би-си токму ваквиот развој на настаните го посочи како причина зошто признавањето на независноста на овие два региони би било значајно. Западните сили стравуваа(т) дека потегот ќе се искористи како изговор за Русија да ја нападне Украина, односно, според аналитичарите, откако Доњецк и Луганск бидат признаени како независни, Русија би можела да испрати војници на истокот на Украина под изговор за заштита на сопствените граѓани.

Тоа го бараа и водачите на сепаратистичките региони, кои преку ТВ изјави го повикаа Путин да ги признае како независни држави и да потпише договори за пријателство кои предвидуваат воена помош за да ги заштитат од, како што ја опишаа, тековната украинска воена офанзива. Минатата недела слично нешто побара и Долниот дом на рускиот парламент. Според лидерите на двете проруски територии, Украинците планираат голема воена офанзива во областа. Во петокот тие организираа масовна евакуација на цивили во Русија и повикаа на општа мобилизација. Украинските власти постојано ги негираа таквите наводи.

Инаку, војната во Украина трае речиси 8 години. Во оваа номинално граѓанска војна, руските сепаратисти, кои окупираа дел од провинцијата Донбас во источна Украина и ги прогласија парадржавите Доњецк и Луганск, во ниту еден момент не останаа без модерно руско оружје. И покрај руските негирања, бројните докази од теренот укажуваат на тоа дека руската војска активно ги поддржува. Украинската војска не се обиде да ја ослободи таа територија во тие осум години или барем по склучувањето на договорите од Минск и 2014 година, потсеуваат западните медиуми.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

САД и другите западни земји во текот на изминатиов месец неколку пати предупредија дека Русија планира или да испровоцира или да организира инцидент за да го оправда нападот во областа што ја држат бунтовниците.

Кога бунтовниците поддржани од Русија ги зазедоа владините згради во градовите низ источна Украина во 2014 година, избија судири, оставајќи две области во регионот на Донбас во рацете на сепаратистите. Русија потоа го анектираше Крим, што предизвика гласни меѓународни критики.

Областите на Донбас контролирани од сепаратистите станаа познати како Луганска Народна Република (ЛПР) и Доњецка Народна Република (ДПР). Украинската влада тврди дека двата региони се всушност под руска окупација. Самопрогласените републики не беа признати од ниту една влада, вклучително и од руската, а украинските власти одбиваат директно да разговараат со која било од нив.

Договорот од Минск од 2015 година резултираше со договор за прекин на огнот, а конфликтот ескалираше во статична војна долж линијата што ги дели украинската влада и областите контролирани од сепаратистите, наведува Индекс. Договорите од Минск забрануваат оружје во близина на линијата.

Во судирите во регионот на Донбас во тој период загинаа повеќе од 14.000 луѓе, а Украина вели дека 1.5 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови, повеќето од нив во областите на Донбас кои сѐ уште се под украинска контрола.

Извор: МИА

- Реклама -