Ковачевски: Изјавата за единство не е искрена, ВМРО-ДПМНЕ создава хистерија во однос на разговорите со Бугарија

Единството и застапувањето на нашата држава се прави во законодавниот дом, а не со еднострани декларации со кои само се попречува процесот на разговори што се водат со Софија во духот на европските вредности, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање за повикот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, за национално обединување кога се во прашање интересите на државата.

„Таа изјава сметам дека воопшто не е искрена, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период единствено нешто што прави е креирање хистерија во однос на разговорите што се водат со Бугарија“, рече Ковачевски, посочувајќи дека до ВМРО-ДПМНЕ била упатена покана и во рамки на подготовките на работните групи што што ги договорија со бугарскиот колега Кирил Петков, но поканата, како што посочи, била одбиена.

Ковачевски додаде дека застапувањето на државата и единството (треба да) се демонстрираат во законодавниот дом, кој, како што подвлече, претставува дом на сите граѓани, застапувани од пратениците. Со еднострани декларации со кои само се попречува процесот на разговорите кои се водат во духот на европските вредности и на задржување на достоинството на сите граѓани, рече Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ не помага, туку го прави спротивното.

Прочитајте и:  Мицкоски по средбата со Орбан: Денешните средби го потврдуваат нашето стратешко сојузништво, Унгарија е пример за успешен баланс на националниот суверенитет со глобалната интеграција

„Суштински важно е кога во прашање е Македонија, да има единство. Впрочем ударите се кон нашиот дом, кој е сѐ за едно семејство. Свесен сум дека во ситуација кога нашиот дом е во прашање, единството е поважно од секоја една наша внатрешна разлика која ја имаме во овој заеднички дом. Свесен сум, но и загрижен за тоа дали и премиерот на Македонија е свесен за истото. И затоа сакам да му порачам дека ВМРО, и историски, и суштински, и денес политички, е вграден како еден од најважните стожери и столбови на нашиот дом – Македонија. И кога ќе се најде оваа влада пред ударите кон нашиот дом, ВМРО-ДПМНЕ нуди единство, договор за она што е наш заеднички супстрат и поддршка за заштита на националните, стратешки и државни интереси на нашата Македонија“, порача вчера Мицкоски на партискиот настан на ВМРО-ДПМНЕ по повод 100 дена од преземањето на локалната власт.

Извор: МИА

- Реклама -