Мицкоски: Заев ништо не разбрал, само го повторува истиот прес од лани кога лажеше дека ја разбрал пораката

„Зоран Заев ништо не разбрал. Зоран Заев само ја повторува истата прес конференција од лани кога исто така лажеше дека ја разбрал пораката, а продолжи да се однесува арогантно и криминално. Jа повтори и прес конференцијата од годината претходно кога истото го велеше, и повторно разочара. Зоран Заев доби и метла со која ништо не измете“, коментира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во реакција на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ.

„Ќе потсетам дека на овие избори арогантно ни велеа дека се најдобри, a прашањето е кога лажеа, кога го тврдеа тоа цела кампања, или сега кога по трет пат викаат дека ја разбрале пораката?“, прашува Мицкоски.

Според него, Заев, на прес-конференциите по поразот во првиот круг од локалните избори, не кажал ништо ново освен тоа што повторно зборувал за минатото, „за некаков режим“ и  за истите флоскули во кои, како што вели Мицкоски, никој не му верува. „Сака да заборавите дека 5 години е на власт и пробува повторно да го потцени народот“, додава тој.

Според Мицкоски, владеењето на Заев е режим.

„Кога зборува Заев за режим нека си погледне во сопствениот дом, во Куманово, притисоците за гласање во Прилеп, Велес, Сарај, Битола, за односот кон луѓето и нивните гласови како да се негова сопственост“, вели лидерот на најголемата опозициска партија.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Тој му порача на лидерот на СДСМ и актуелен премиер дека народот е обединет против него:

„Заев, ќе ти кажам дека народот, ние самите сме господари над сопствените судбини и дека никој ја нема нашата волја во џеб за да си поигрува со нејзе. Народот е веќе обединет, но против тебе и сѐ она што ти преставуваш во политиката. Надежта е родена, и таа ќе победи!“, порача Мицкоски.

Тој искоментира и околу потенцијално новата локална власт во Скопје, доколку кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска, победи во вториот изборен круг.

„Бидејќи гледам дека Заев има некои дилеми, да одговорам; Скопје ќе работи многу подобро без централната власт на Заев затоа што ќе биде ослободено од притисоци за тендери и кражби на парите од граѓаните кои по смената ќе завршуваат за проекти и ќе бидат одлично менаџирани од Градот Скопје и новите градоначалници. А по смената на централната власт заедно со локалната, државата заеднички ќе ја внесеме во ЕУ каде и припаѓаме. На чекор од заедничката и нова иднина!“, порача Мицкоски.

- Реклама -