Заев и натаму оптимист, уверен е дека е можно решение со Бугарија до крајот на декември

Премиерот Зоран Заев денеска изрази уверување дека може да се изнајде решение со Бугарија до крајот на декември затоа што, како што нагласи, тоа е можно, затоа што различностите не ни се толку големи и имаме должност да отвораме иднина, а не да бидеме заглавени во минатото.

„Никогаш не сум ги видел вака настојчиви канцеларката (Ангела) Меркел и претседателот (Емануел) Макрон, да бидат прецизни, да бидат јасни, разговарајќи и со мене и со претседателот Радев, заради следниот исчекор во овој правец“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање дали препознал искрен обид кај Меркел и Макрон за решавање на спорот со Бугарија.

Декларацијата усвоена вчера, потенцира Заев, е прецизна, зборува за проширувањето во сите детали, а така прецизна била во 2003 година на Солунскиот самит. Тој изрази благодарност за сите досега усвоени декларации во Софија, Загреб и на другите самити во изминатиот период од 18 години.

„Оваа прецизна Декларација што вчера ја усвои Еворпскиот Своет на Самитот за Западен Балкан само на лист хартија не ни значи нам ништо како Северна Македонија, ниту на Албанија, ниту верувам на останатите четири земји од Западен Балкан. Затоа треба да има на дело, затоа напоменувам наша главна стратешка аспирација и цел е ЕУ и полноправното членство, а стратешка цел на надворешната политика на ЕУ е Западен Балкан затоа што едни со други сме поврзани, економијата ни е поврзана, едни од други зависиме“, појасни премиерот Заев на денешната заедничка прес – конференција со министерот за правда Бојан Маричиќ и судијата Лазар Нанев.

Се осврна на менаџирањето на евентуални бегалски кризи, кои не се возможни без Северна Македонија, без Албанија, Грција, Бугарија, како и за енергетиката, кога, како што рече, не може да се испорача струја од Грција кон Унгарија и Хрватска без да помине низ Западен Балкан…

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

„Ние сме во Европа и нема бегање од тоа“, истакна Заев.

На новинарско прашање кога Северна Македонија конечно ќе го добие датумот за почеток на преговорите за членстов во ЕУ, премиерот потсети дека земјава во март 2020 година доби одлука со гласање на 27 земји – членки за одлука за почеток на преговорите и тоа е добиено, што не беше случај од 2005 година наваму.

Резимираше дека лани имавме одлука на Европскиот Совет со сите 27 земји-членки за почеток на преговорите, а сега очекуваме одржување Советот за општи работи во декември да ја донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка во која пишува дека преводот на акито ќе биде на македонски јазик и закажување веднаш до крајот на годината на порвата Меѓувладина конференција.

Следните одлуки, нагласи премиерот, се на Советот за општи работи, каде треба да се потврди преговарачката рамка и се закажува првата Меѓувладина конференција, тоа е постапката.

„Одлуките се донесени од лани, исчекорот е направен и тоа е голема придобивка. Ние сега го имаме следниот получекор, а тоа е прва меѓувладина конференција, потоа следува другиот получекор, а тоа е скрининг процесот и отворањата на поглавјата односно кластерите. Успесите се големи и не треба никој од нас да ги омаловажува и секој нов чекор за нас е огромна придобивка и треба да биде, како што ќе биде отворањето и совладувањето на секое поглавје, што со реформите што ги работиме ќе бидат од огромна помош за брзо отворање и брзо затворање на самите поглавја“, изјави Заев.

МИА

- Реклама -