Османи за Резолуцијата за „црвените линии“: Најголема грешка ќе биде државниот консензус да го претвориме во етнички

ДУИ смета дека процесот „треба да почне од нула и да седнат политичките партии консензуално, а не да биде наметната од една партија“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во гостување во „Утрински брифинг“, коментирајќи го националното единство во Бугарија во спорот со Македонија и предлогот од страна на ВМРО-ДПМНЕ за резолуција за македонските „црвени линии“ во преговорите.

Лесно е да се има национално единство кога прашањето не ве засега, оценува Османи за консензусот во Бугарија.

„Кај нас е поинаку. Се работи за наши прашања, за наш прогрес, наша иднина, перспектива и затоа не очекувајте таков комодитет кај нашите политичари наспроти бугарските. И ние сме единствени за прашања кои не нѐ засегаат нас. Но кога е за нас, има различни идеи и притисоци и јас сметам дека добро се справуваме. 26 земји членки гласно зборуваат дека ова не смее да ѝ се случува на Северна Македонија и Бугарија остана сама на своите позиции, а сето тоа е резултат на нашиот конструктивен однос. И покрај притисоците од опозицијата не навлеговме во негативен дискурс со Бугарија и мислам дека пред очите на светот добивме признание дека ние сме во право“, вели шефот на дипломатијата.

Прочитајте и:  Вреди: Клопчето се одмотува - фамилијарните скандали први на тапет

Сепак, според него, најважно е што е постигнат етнички консензус, но тоа значи и дека ќе биде најголема грешка тоа биде нарушено.

„Постигнавме етнички консензус. Никогаш државата не била вака едногласна. Најголемата грешка што може да ја направиме сега е од една државна позиција која има кредибилитет пред светот, некој сега да ја претвори повторно во етничка. Ако поради некои политички, партиски амбиции, овој државен консензус што го постигнавме некој повторно го претвори во етничко прашање, тоа ќе биде најголемата штета што може да се направи. Ако треба да се донесе некаква резолуција, тоа треба да биде производ од сите, а не наметната од некоја политичка партија“, рече Османи.

- Реклама -