ВМРО-ДПМНЕ за Заев: Ветуваше ЕУ, а заврши со Мини Шенген и Западен Балкан; членството во ЕУ нема алтернатива

„Регионалните соработки на земјите од Балканот секогаш биле, се и ќе бидат поздравени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но тие не се ни приближно тоа кое што Зоран Заев и СДСМ им го ветуваа на граѓаните. Членството во Европската Унија и широкото семејство на европските народи се вистинската иднина на Македонија, која нема алтернатива“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод денешниот работен состанок на српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и премиерот на РСМ – Зоран Заев, на која се дискутираше за таканаречениот „Мал Шенген“.

Зоран Заев и СДСМ дојдоа на власт во 2016-та година токму со ветувања за членство во ЕУ и четири години ја замајуваа јавноста со истите флоскули, без да направат суштински поместувања и реформи, посочуваат од опозицијата.

Алтернативата „Мини Шенген“, додаваат, е само блед обид на Заев тоа да го прикаже како некаков успех на неговата политика, која доживеа фијаско како на меѓународен, така и на домашен план. „Мини Шенген иницијативата не смее да остане наша иднина која ќе го затвори европскиот пат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слична порака, дека не постои алтернатива за членството во ЕУ, денеска испрати и лидерот на партијата – Христијан Мицкоски, кој во рамките на политичкото собрание на Европската народна партија оствари средба со Дејвид Мекалистер – претседавач на Комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент, и со Пауло Рангел – потпретседател на Европската народна партија и европратеник од Португалија, како и неформална средба со Андреaс Шидер – европратеник од австриската социјалистичка партија и претседавач на мешовитиот парламентарен комитет на Европската унија со Македонија.

Прочитајте и:  Деманг на Дрин Ахмети на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Лефков

„Државата не смее да биде повеќе заложник на злоупотребите кои што ги прави актуелната влада на европските перспективи и името на Европската унија во насока на оправдување на сите погрешни одлуки. Македонија и македонските граѓани заслужуваат да бидат достоинствен член на ЕУ.

Свесни сме дека криминалот и корупцијата и отсуството на суштински реформи од страна на оваа власт создаваат лош впечаток за земјата кај нашите европски партнери, но токму капацитетот на Македонија и потенцијалот кој го имаме како народ се гарант дека можеме, преку внатрешни промени, во услови на отпочнување на преговорите да ги достигнеме европските вредности и стандарди.

Оваа епизода наречена власт на Заев не е вистинската слика за Македонија и затоа на нашите европски пријатели им објаснуваме дека неуспесите ќе се надминат многу скоро и нацијата ќе ги забрза европските реформи и затоа ни е потребна шанса преку отпочнувањето на преговорите тоа да го покажеме“, истакнал на средбите Мицкоски.

- Реклама -