Заев: Крајно време е за решение со Бугарија, верувам дека ЕУ ќе го испорача заслуженото

„Она што е принцип на Европската унија, мора да важи и за нас. Затоа што идентитетските прашања никогаш не биле и не смеат да бидат тема на преговори, а ветувањата од ЕУ мора конечно да бидат испорачани“, порачува премиерот Зоран Заев во интервју за „Фокус“, прашан за европската перспектива и неодамнешната дипломатска офанзива во Брисел.

„Беше многу важно уште еднаш да ги запознаеме европските лидери со фактите, кои се видливи буквално од небо. А, тоа е дека сме земја која најдолго аплицира за полноправно членство, освен Турција, која и не спаѓа во оваа група. Имаме 100 отсто исполнетост на реформите, кои се движат во вистинска насока, дури и во вакви услови. Во Брисел, во центарот на Европа дадовме јасно до знаење дека за македонскиот јазик и за идентитетот – нема преговори“, вели Заев.

Во однос на средбите со шефот на португалската дипломатија Силва и еврокомесарот Вархеји, премиерот посочи дека тоа им овозможило да видат дел од креативните форми на размислување на португалското претседателство. „Разработиле детални предлози со кои отидоа прво во Бугарија, а после дојдоа и кај нас, за да ги разменат како искуство и да поразговараме“, појасни Заев.

Според него, крајно време е да се најде решение со Бугарија. Тој изрази задоволство што и еврокомесарот Вархеји и министерот за надворешни работи се, како што вели, длабински вклучени со своите тимови.

„Верувам дека на крајот на денот ЕУ ќе го испорачаат тоа што го очекуваме“, додава Заев.

- Реклама -