Заев на средбата со Вархеји: Сите обиди идентитетот да се стави на преговарачка маса ќе бидат одбиени

Идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија – се согласиле премиерот Зоран Заев и еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ – Оливер Вархеји, на средбата во Брисел, во рамки на европската агенда на премиерот за испраќање порака дека итно треба да се одблокира европскиот пат на земјава.

Како што информираат од Владата, Вархеји ја пречекал македонската делегација (во чиј состав се и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ – Агнеза Руси-Поповска) со пораката дека неговата цел, како и целта на УЕ, е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

Вархеји истакнал дека ЕУ е посветена на Западен Балкан и дека денес, после 2.5 години, приоритет број 1 на дебатата на Советот на министри за надворешни работи на членките на ЕУ е деблокадата на европскиот пат на Северна Македонија. Тој додал дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија со цел да одблокира овој процес.

Премиерот Заев, од своја страна, истакнал дека високо ги оценува овие напори на Европската комисија и дека очекува соодветно ниво на соговорници и соработници од страна на Бугарија. Според него, техничката Влада во Бугарија може да е можност за решение во брзо време, но истата ќе треба и да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение. Тоа решение, меѓутоа, нема да се случи по цена на идентитетот, порачал Заев.

„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, потенцирал Заев на средбата со Вархеји.

Како што велат од Владата, еврокомесарот се согласил со Заев дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија.

- Реклама -