Пендаровски: Со ваква реторика, договор со Бугарија нема да има

Ветото од Бугарија не е ништо ново, туку може да се каже дека се работи за „вето во континуитет“, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски во вчерашното гостување во Дневникот на „Сител“.

Тој посочи на неговите први изјави во поглед на односите со Бугарија, кога како проблем се актуелизираше прашањето за Гоце Делчев со тенденција да ги отвори и прашањата за идентитетот, кога посочуваше дека „работава со Бугарија ќе оди тешко“ (на пример, во јуни 2019 оцени дека прашањето со Гоце Делчев „станува политички проблем“, а нецел месец подоцна дека „во Бугарија е создадена генерална перцепција дека сега е моментот да нѐ нагазат“). Сепак, Пендаровски истакна дека никој не очекувал дека и до крај ќе опстојат и навистина ќе се реализираат заканите за вето од Бугарија. Како една од причините ја наведе реториката на бугарската страна:

 

„Знаете, во секој спор, па дури и од најмал калибар, ако сакате да успеете, и двете страни треба да пуштаат меки пораки. Ако одите со остра или офанзивна реторика, како што за жал оди бугарската страна со недели и месеци наназад, тогаш договор нема да има. Ние не би требало и досега мислам дека не се спуштивме на некое приземно ниско ниво во кое ќе се навредуваме и ќе покажуваме мускули. Меѓутоа, верувајте, и во тие рамки, ние понудивме сѐ што може да се понуди а да не се чепка македонското – да не се чепка јазикот, идентитетот, тоа што никогаш не сме го чепкале ниту во преговорите со Грција, години пред Преспанскиот“, порача претседателот во Дневникот на „Сител“.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Според него, ветото во овој момент ќе значи дека за продолжување на преговорите со Бугарија ќе треба да чекаме најмалку до завршување на тамошните парламентарни избори во март, бидејќи ниту еден од двата главни политички субјекти во Бугарија не би се откажал од она што во меѓувреме им носи поени и му е од корист максимално да го експлоатира; како што истакна Пендаровски, според анкетите, и партијата на Бојко Борисов и коалицијата на Красимир Каракачанов во моментов имаат дури и дупло зголемена поддршка кај бугарските гласачи, што тој го припишува на нивното „јуначење“ во однос на прашањето со Македонија.

- Реклама -