Пендаровски: Ова со Гоце Делчев станува политички проблем, не можеме да прифатиме дека од 1944-та сме Македонци (ВИДЕО)

Неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку сознанија од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин во тој историски контекст, но неспорна стопроцентна историска вистина е и дека Гоце Делчев се борел за македонска држава, автономија, независна држава, па дури и на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за „360 степени“, кое ќе се емитува денеска (21 јуни) во 22 часот на телевизија „Алсат“.

„Не постои ниту еден документ што вели дека Гоце Делчев се борел за Голема Бугарија или за Санстефанска Бугарија или изјава во која вели, или став макар, прераскажан од неговите современици, дека Гоце Делечев се борел за припојување на тогашната провинција во Османлиското царство – Македонија, кон Бугарија“, додава тој.

Инсистирањето на Бугарија на сегашниот бугарски став и продолжувањето со досегашниот пристап од бугарска страна, постепено станува и допрва ќе станува политички проблем, тврди Пендаровски.

Прочитајте и:  Реакција на медиумите од соседството за протестите во Бугарија за претставата режирана од Џон Малкович

„Ние не можеме како држава да ја проголтаме тезата дека од 1944-та натаму ние сме се разбудиле едно сабајле и сме рекле: Еј, стварно сме сега Македонци, дајте од тука натаму да разговараме… Бидејќи тоа е политички пристап кој нема да нè одведе никаде“, дециден е Пендаровски.

Врз основа на изнесеното, за Пендаровски е неспорен факт дека и двете држави можат да полагаат право на чествување на Гоце Делчев. Според него, впрочем, воопшто и не треба да има проблем:

„Значи, ако ве интересира, како што велат некои политичари, вистината и само вистината – во ред. Неспорна историска вистина е дека се изјаснувал како Бугарин во тој историски контекст, како што е неспорна историска вистина и факт дека се борел за македонска држава. Еве ви ја формулацијата, потпишете ја и дајте да не создаваме проблем таму каде што не треба да го има“, порачува Пендаровски.

- Реклама -