Одбивањето на членство во Европската економска зона – антидржавен чин на Пендаровски, ама со согласност и на Мицкоски?

Претседателот на државата – Стево Пендаровски, се огласи во однос на фамата по неговата изјава дека одбил членство во Европската економска зона.

Имено, вчера МИА пренесе дека Пендаровски, на конференцијата за Западен Балкан организирана од Пријателите на Европа, „обелоденил“ дека македонскиот државен врв добил понуда за членство во Европската економска заедница и истата била одбиена.

„Некои од нас во регионот, можам да зборувам само за Северна Македонија, добивме понуда од многу високи функционери да станеме членка на Европската економска заедница. Јас веднаш ја одбив оваа понуда затоа што овој тип на размислување е катастрофален на долг рок“, изјави Пендаровски на конференцијата.

По таквата „вест“, најгласно одекнаа критиките од опозицијата:

„Стево Пендаровски и Зоран Заев не се монарси на кои народот им го предал правото безусловно да владеат и Македонија не е нивна своина. Ниту Пендаровски, ниту Заев не смеат да донесуваат стратешки одлуки без да го прашаат народот. Кого прашал Пендаровски кога ја одбил понудата Македонија да стане членка на Европската економска зона?!“, реагираа, на пример, од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ја одлуката како антидржавен чин.

Пендаровски, меѓутоа, денеска одговори дека одлуката била заедничка на сите политички лидери, вклучително и на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски:

„Во октомври 2019 година, кога отварањето преговори со ЕУ за нашата земја беше одложено заради усвојување на новата методологија, во Брисел, неофицијално циркулираше идејата за алтернативно членство за државите од Западниот Балкан во Европската економска зона, се разбира, откако ќе ги исполнат потребните услови за тоа.

Ставот на претседателот Пендаровски и тогаш и сега беше дека никаква алтернатива на членство не треба да се прифаќа затоа што полноправното членство во ЕУ подразбира да сте дел и од заедничкиот европски пазар.

Меѓутоа, со цел да се оформи заеднички државен став во однос на изнесените идеи во Брисел, претседателот Пендаровски, на 20 октомври 2019 година свика средба на претседателите на политичките партии од власта и од опозицијата кои имаат пратеници во Парламентот.

На средбата беше постигнат апсолутен консензус и од страна на сите лидери, вклучително и од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, беше поддржан ставот дека на Република Северна Македонија и ѐ потребно членство во Европската Унија, а не учество во алтернативни облици на соработка со ЕУ, затоа што на земјата, покрај економска интеграција, ѝ е потребна и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и вредности– владеење на правото, независно судство и медиуми, човекови слободи и права.

Во таа насока, сите присутни заклучија дека не треба воопшто да се размислува за алтернативи, туку земјата треба да продолжи со засилено темпо за реализирање на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија“, се вели во одговорот од Кабинетот на Пендаровски.

Освен тоа, и македонската јавност веројатно се сеќава дека во наведениот период имаше низа отворени изјави, пред сѐ на претседателот, дека македонската страна одбива било каква алтернатива што би била различна од полноправно членство во ЕУ. Како една од тие неприфатливи алтернативи беше спомената токму и Европската економска зона.

Така, на пример, на 20 октомври 2019, по добиеното црвено светло во Брисел, Пендаровски свика лидерска средба за да побара од сите политички лидери да го потврдат ставот, и негов личен, дека Македонија нема да прифати „интеграции од Б категорија“. На таа лидерска средба, политичките лидери ја реафирмираа интеграцијата во ЕУ како безалтернативна опција за државата.

Прочитајте и:  ПП Левица: Власта именува директор на затвор од ЗНАМ гонет за несовесно работење

На 26 октомври 2019, „Дојче веле“ пишува:

„Неуспехот на ЕУ на самитот во Брисел да им ги отвори вратите на Северна Македонија и Албанија отвори многу прашања за иднината на проширувањето. Во јавноста веќе проструи (старата) идеја за привилегирано партнерство, а германскиот експерт Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност нуди и малку поинаква опција која би ѝ дала предност на економската, пред политичката интеграција- членство во Европската економска зона.

Свесни за алтернативите кои (им) се нудат, македонскиот државен врв и опозицијата уште на средбата кај шефот на државата Стево Пендаровски усогласија заеднички став дека нема да се прифати ништо друго освен полноправно членство во ЕУ.

Денеска и премиерот Зоран Заев уште еднаш потенцираше дека нашето место е во ЕУ и нема да прифатиме никакви понуди за договори за некакви пактови или економски сојузи“.

Во истиот текст, за волја на вистината, се наведува дека според Кнаус, Европската економска зона не е „опција од Б категорија“:

„Потребен е процес кој нема да биде замена за членството, но ќе биде поинаков; процес кој ќе го одржи влијанието на ЕУ, но во истовреме ќе биде атрактивен и кредибилен за балканската јавност и лидерите; процес кој ветува корист, не во далечна иднина, туку од самиот почеток“, цитиран е експертот. „Таков процес, според Кнаус, веќе постои, а тоа е Европската економска зона (ЕЕА European Economic Area)“, додава „Дојче веле“.

Од ВМРО-ДПМНЕ, сепак, денеска обвинија дека „одлуката на Пендаровски“ била скандалозна:

„Стево Пендаровски не ги знае ниту основните европски институции. Европската економска заедници е претходница на ЕУ од која Унијата настанала, и таа веќе не постои. Како Пендаровски одбил членство во нешто што го нема?! Но доколку Пендаровски одбил членство во Европската економска зона, тогаш тој постапил неодговорно.

Европската економска зона е посебна зона составена од држави кои се дел од заедничкиот пазар на ЕУ. Држави кои се дел од Европската економска зона се Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, а пред да влезе во ЕУ таму била и Хрватска, со членувањето во Европската економска зона државата станува дел од заедничкиот пазар на ЕУ на чија територија важат исти правила, прописи и трговијата кон земји членки на ЕУ се одвива слободно, како земјата да е членка на ЕУ.

Одбивањето на ваква понуда е скандалозно. Државниот врв не смее да донесува одлуки на своја рака и за ваква понуда мора да се консултира со граѓаните.

Членувањето во Европската економска зона е голем плус за државата додека чека влез во ЕУ, со што се олеснува трговијата и протокот на луѓе и стока.

Членството во ЕЕЗ ќе значи повеќе работни места, развој на деловното окружување, но пред се обврска за усогласување на домашното законодавство со стандардите на ЕУ. Очигледно е дека СДСМ се грижи единствено за бизнис интересите на семејството Заеви, наместо за Македонските работници и стопанственици.

Одбивањето на понудата е антидржавен чин. Пендаровски и Заев да кажат зошто ја одбиле понудата и од чии странски интереси се воделе?!

Чиј интерес е Македонија да не е дел од Европската економска зона и кој го попречува нашето евроатлантско напредување?!“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение, по што следуваше одговорот од претседателот.

- Реклама -