„Инсистирањето на Бугарија на блокирање на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија, ризикува создавање на уште една фисура во југоисточното крило на НАТО. Две членки – Грција и Турција – веќе се длабоко поделени, а сега уште две, се чини, се на пат кон колизија, поради два века стара контроверза на етнички основи“, пишува грчки „Катимерини“ во кратката анализа со предупредувачки тон.
„Катимерини“ посочува дека и Бугарија и Северна Македонија се клучни регионални членки на Алијансата: Бугарија – поради нејзината улога на супервизор на Црното Море и јужна Русија, а Северна Македонија како тампон зона против понатамошната руска експанзија во срцето на Балканот. Двете, исто така, многу силно го чувствуваат импактот на американско-рускиот конфликт на влијанија, потенцира весникот.
„НАТО, сепак, делува како да е незасегната од ривалството Софија-Скопје, сметајќи го за европско прашање што треба да биде решено од државите членки на ЕУ. Иако, стриктно гледано, тоа можеби е така, приговорите на Бугарија кон приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ не потекнуваат од пристапните критериуми – како што се потребата од зајакнување на демократијата и решителна борба против корупцијата; наместо тоа, тие се поттикнати од историски тврдења кои го разгоруваат национализмот на двете страни и во даден момент наскоро ќе имаат импакт врз НАТО, освен ако разликите бидат надминати“, пишува весникот, давајќи краток осврт на моменталната атмосфера кај двете страни:
„Антибугарската треска расте во Северна Македонија, со благослов од политичкото лидерство и медиумите, а ставот на Скопје кон Софија станува сѐ поагресивен. Индикативно е што (Скопје) го одби барањето на Софија да учествува во НАТО заштитата на воздушниот простор на Северна Македонија, но и повлекувањето на интересот во бугарската нуклеарна централа Белене, решавајќи, наместо тоа, да го поддржи проектот за природен гас во северното грчко пристаниште Александрополи.
Бугарија, во меѓувреме, се загрева за избори напролет и политичката класа дебело вложува во националистички сентимент, обидувајќи се да оформи нова Балканска агенда инспирирана од Отоманската империја и големите аспирации од 19 век, обвинувајќи ги своите православни браќа дека застраниле од правиот пат“, заклучува „Катимерини“ во анализата.