Кој се обидува дополнително да ги потпали односите меѓу Македонија и Бугарија?

Министерството за надворешни работи најостро ја осудува денешната објава на социјалните мрежи на видео во кое е прикажано палење на знамето на Република Бугарија, оценувајќи го како „евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, како и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија“.

Од МНР потенцираат дека најкатегорно го осудуваат секој чин на сквернавење на било чии национални симболи, вклучувајќи ги и симболите на соседна Република Бугарија, како и секој друг вид израз на омраза кој не соодветствува со суштинските односи меѓу двете земји.

Во соопштението, Министерството упати апел до граѓаните да не потпаѓаат на ваквите провокации, чија намена, како што посочуваат, е очигледно нечесна и во спротивност со стратешките интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите.

***

Веста за палењето на бугарското знаме денеска стигна и до бугарската јавност, откако ја објави порталот на македонски – „НОВА“, припишувајќи ја вината на ВМРО-ДПМНЕ.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара влада на широла коалиција, нo досега јавно не соопшти како според него може да се надмине проблемот со Бугарија. Партиските штабови веќе тргнаа да бараат решение во заострување на односите со Бугарија. Во знак на револт на бугарската одлука за ВЕТО врз македонските евроинтеграции, членови од подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба го запалија националното знаме на Република Бугарија и за истото се пофалија со видео на фејсбук со наслов ‘Одговор за заедничката историја’ “, пишува порталот, притоа превидувајќи или намерно игнорирајќи го сомнителниот факт што кратенката УМС (Унија за млади сили) во името на Фејсбук страната на која беше објавено видеото е напишана со „Y“ (ипсилон) наместо со кирилично „У“, како и дека најстарата објава на посочената Фејсбук страна е профилната слика поставена вчера (принтскрин):

Од коментарите под видеото евидентно е и дека најголемиот дел се од бугарски профили и содржат разни досетки кои одат во прилог на позицијата на Бугарија, како во однос на историјата, така и во однос на тврдењата од бугарска страна дека во Македонија се шири омраза. Од сличноста на овие содржини, се добива впечаток дека се работи за координирана „акција“.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Сеедно, во текстот „НОВА“ пишува:

„Дали Мицкоски смета дека на овој начин ќе се реши прашањето е нејасно, но партискиот лидер на луѓето кои го палат знамето го премолчува овој чин, во негов стил. Без осуда или без поздравување. Едноставно без став“…

***

На веста експресно реагираа од опозицијата, обвинувајќи дека „лажната вест за палењето на бугарското знаме е шовинистички обид на удбашката власт да го отргне вниманието на јавноста од вистинските проблеми“.

Почитувани,

Во врска со објавата на порталот Нова ТВ со наслов „ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба го запали бугарското знаме?“, каде се гледа поединец кој пали знаме, а за тоа самиот портал го обвинува ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, би го истакнале следново:

Станува збор за шовинистички и удбашки методи кои ги спроведува власта и кој се насочени кон ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.

Ниту УМС ниту ВМРО-ДПМНЕ стои зад тој фб канал, кој патем е формиран пред еден ден и има за намера да го отргне вниманието на јавноста од катастрофата во здравството и политичката криза по добивањето на ветото од источниот сосед.

Одговорно тврдиме дека зад ваквата конструкција стои власта на Зоран Заев и ова е една капка од морето невистини и дел од клеветничката црна пропаганда против Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Таа црна пропаганда е насочена кон Мицкоски зошто тој е најголемата закана за измамникот Заев и СДСМ.

Одговорно тврдиме дека пред да се објави оваа лажна вест не е контактирана ВМРО-ДПМНЕ за став. Бараме повлекување на веста и извинување од порталот, во спротивно ќе бидеме приморани да покренеме соодветна правна постапка.

Очигледно црвениот телефон од владата е вжештен и нападите и цензурата се секојдневие“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -