СДСМ: Нема да дозволиме градовите да бидат завиени во мрак, на граѓаните им е потребна зрак светлина

„Нема да дозволиме градовите, општините да бидат завиени во мрак. На граѓаните им е потребна зрак светлина во тешкиот период со коронавирусот, особено во она малку време што можат да го поминат надвор, за време на празниците.

Секако, оваа година значително ќе се намалат средствата што се двојат за оваа намена, со цел украсувањето да биде поскромно и прилагодено на можностите и целата состојба“, реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ, која го обвини скопскиот градоначалник Петре Шилегов за неодговорност и расипништво, затоа што планира да потроши 200 илјади евра за новогодишно украсување на градот.

Од СДСМ го обвинија „мрачниот Мицкоски“ дека во време кога коронавирусот негативно влијае и врз менталното здравје на граѓаните, сакал општините, градовите да бидат завиени во мрак, и тоа во периодот на новогодишните и божиќните празници.

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, од почетокот на пандемијата па до сега, не донираа ниту еден денар, не се откажаа од платите во Собрание, од паушалите во Советите на општините, не донираа ниту една маска, средство за дезинфекција, ништо.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Напротив, цело време го поткопуваат здравствениот систем, ја попречуваат борбата против вирусот, ги прекршуват мерките и водат мрачна, некрофилна кампањата.

Мрачниот некрофил Христијан Мицкоски се радува на починати, ама се радува и на мрак, оти такви мрачни му се сите политички дејствувања“, се вели во соопштението на СДСМ.

Советничата група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, како што истакна Попова, продолжува да апелира Шилегов да изнајде правен механизам и средствата за украсување да се искористат за помош во борбата против корона кризата.

„Tоа што за само три години од страна на Петре Шилегов се потрошени 740 илјади евра за украсување, и фактот што градоначалникот останува нем на нашите повици за пренамена на овогодинешните средства, укажува на тоа дека постои оправдан сомнеж за заштита на одредени бизнис интереси. Очигледно и украсувањето за Шилегов е бизнис. На Скопје му треба градоначалник, а не шминкер“, категорични се од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -