Борисов до Османи: Ќе биде грев пред историјата ако не најдеме компромис

„Многу се надевам дека Северна Македонија ќе ги добие неопходните гаранции од нас и ќе оди по патот кон присоединување кон Европската унија. Потребно е да се направат неопходните компромиси, како што многу други направија. Ние сме должни, кон сегашните и идните генерации, да постапиме така што Република Северна Македонија, Албанија и земјите од Западниот Балкан на никој начин нема да бидат запрени на патот кон Европската унија“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов на средбата со шефот на македонската дипломатија – Бујар Османи, кој е во посета на Бугарија.

Како што пренесува БГНЕС, во рамките на разговорот, Борисов посочил дека е многу вознемирен од вклучувањето на ОМО „Илинден“ и „македонското малцинство“ (во наводници стои во бугарските медиуми) во Бугарија во една од политичките резолуции на ЕУ. Тоа, истакнал тој, во никој случај не е од полза во дадениов момент кога се бара компромис, ниту за историчарите, а ниту за политичките партнери во Република Северна Македонија, кон наоѓање на решение на спорот.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Според Борисов, веќе уште од денешната средба треба да започнат разговори на сите нивоа, за да може до 10 ноември – кога Бугарија и Македонија како копретседавачи на Берлинскиот процес ќе претседаваат со Самитот, да се најде компромисно решение кое ќе биде задоволително за сите страни:

„Имате многу работа. Тоа е многу сложен, многу брз и истовремено многу важен и неопходен процес“, истакнал тој.

„Вашите граѓани треба да знаат дека во Бугарија имате и секогаш сте имале најголема поддршка и дека едноставно треба да направиме историјата да биде мост на пријателството и блискоста, а не скршен мост по кој Република Северна Македонија не може да помине. Така што, овде политички игри не треба да има“, посочил понатаму Борисов, додавајќи дека перспективата и моментот се исклучително важни и „би било грев пред историјата ако сегашните политички раководства на Бугарија и Република Северна Македонија не успеат да најдат компромис“. „Нема да нѐ разбере ниту светот“, заклучил бугарскиот премиер.

- Реклама -