Заев во опозицијата гледа „грозотија од фрустрација“, СДСМ го прашува Мицкоски кој ќе ги плати протестите – Камчев или Груевски

„Христијан Мицкоски продолжува со деструктивното, незрело и неодговорно однесување на штета на граѓаните, државата и европската иднина. Протестите што денеска ги најави, се последните обиди на Мицкоски за спас на неговата фотелја во Белиот дворец. Очаен и фрустриран од третиот последователен пораз од граѓаните, тој повторно ќе ги малтретира своите сопартијци по улиците како што тоа го правеше и претходно после секој пораз“, порачаа денеска од СДСМ откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека во среда ќе започнат со серијата протести на повеќе теми, од кои првиот ќе се однесува на поскапувањето на струјата.

Прашан за повикот на Мицкоски до граѓаните да им се придружат на улица, премиерот Зоран Заев денеска искоментира дека протестите се нормална работа во секоја слободна и демократска држава, истакнувајќи притоа дека неговата влада и парламентарното мнозинство ќе направат сѐ за да не остават да има реална причина и аргументи за протести.

Сепак, Заев истакна дека мотивите што ги гледа кај опозицијата се сосема поинакви, односно се показател дека опозицијата е фрустрирана што не е на власт:

„Поривот што го гледам кај опозицијата е фрустрација што не се на власт. Без да дадат доволно време да се види колку ќе бидеме успешни, се гледа една грозотија од фрустрација зошто не се на власт“, рече премиерот, наспроти Мицкоски, кој го тврди сосема спротивното и причините за протестите ги базира на она што веќе досега го покажало владеењето на Заев.

Од СДСМ, Мицкоски го обвинија за лицемерие, но и за одење „против народот и државата“:

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

„Денес за струјата глуми загриженост оној кој ја поскапи 100% и ја укина евтината тарифа.

Мицкоски ќе протестира против правдата која доаѓа, но нема да успее да ја спречи, правда ќе има.

Христијан Мицкоски упорно не се откажува од определбата земјата да оди назад. Еве го, ќе протестира против европскиот пат и патот кој го избраа граѓаните, патот напред.

Мицкоски ќе протестира против борбата со Ковид 19, против повисоки плати, ќе протестира против европскиот пат и патот кој го избраа граѓаните, патот напред.

Граѓаните на овие фер и демократски избори му упатија јасна порака на поразениот Мицкоски, го оставија во опозиција.
Мицкоски нема поддршка од граѓаните и повторно нема да успее. Поразениот од народот, не може да се повикува на народот“, порача портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска.

Таа побара и Мицкоски да каже кој ќе ги финансира протестите:

„Кога веќе ги најавува протестите, Мицкоски треба да каже и кој ќе му ја плати логистиката за нивно одржување. Орце Камчев или Никола Груевски? Или, математички прецизно ќе го сторат по принципот 50-50?

Почитувани, на едната страна се граѓаните и нивната европска определба, на таа страна е и Владата, а на другата се Мицкоски, Груевски, Камчев и нивната определба да се оди назад. Мицкоски нема ниту сила ниту начин да ја однесе државата назад. Граѓаните, државата продолжуваат по вистинскиот, европскиот, пат, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ остануваат заглавени во деструктивното, антидржавно однесување“, порачуваат од СДСМ.

- Реклама -