Мицкоски: Од сега па натаму ДУИ да внимава како се однесува, преку глава им е на Македонците и сите други да се граѓани од втор ред

„Демократската унија за интеграција изгледа се чувствува прекомфорна и комотна во оваа тригодишна коалиција со СДСМ и мисли дека начинот на кој што функционира со СДСМ такви се сите останати политички партии. Она кое што сакам да им го порачам еве и на нив овде од Куманово е да внимаваат како се однесуваат, бидејќи на Македонците, но и на останатите граѓани во Македонија, им е дојдено веќе преку глава да бидат граѓани од втор ред и таков тип на барања може да ги задржат само во сопствените редови за храбрење и мотивација на сопственото членство“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Куманово, прашан како го коментира потегот на ДУИ која вчера преку своите млади активисти кои ги промовираат иницијативите „Зошто да не“ и „Верувам“, пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ (како и на СДСМ) порача дека е време за прв премиер Албанец.

Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која се обраќа на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност во Македонија и ѝ се обрати на ДУИ со порака дека нивната реторика и начин на однесување не само што не носи добро, туку напротив, ја заострува ситуацијата во нашата држава.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

„Ние ќе одговориме соодветно затоа што поминаа времињата кога ДУИ ќе се чувствува комотно и романтично во Владата на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е победник на следните предвремени парламентарни избори заедно со Коалицијата ‘За обнова на Македонија’ и, како што кажав, преку глава им е на Македонците, но и останатите граѓани во оваа држава да бидат граѓани од втор ред. Доаѓа вистинска обнова и доаѓа вистинската сила и на Македонците но и на останатите граѓани во Македонија, после 15-ти јули во Владата на Република Македонија, и ќе им порачам да внимаваат од сега па натаму како се однесуваат и какви пораки рефлектираат во јавноста, затоа што тоа не е добро за сите етнички заедници, вклучително и за албанската етничка заедница во нашата држава“, порача Мицкоски.

- Реклама -