Османи во „Click Plus“: Поставете го албанското знаме каде сакате, дозволено е со закон

Коментирајќи го поставувањето на големото албанско знаме на Самоиловата тврдина и казната за водачот на фолклорната група „Арбреши“, во вчерашното гостување во емисијата „Click Plus“ на „ТВ 21“ вицепремиерот Бујар Османи порача дека албанското знаме може да биде поставено било каде. Тоа е дозволено со закон и никој нема да прави проблем, порача тој.

За поставувањето на знамето на Самоиловата тврдина казнет беше водачот на групата – Ѓерг Прекочај, со парична казна од 1.100 евра и пет години забрана за влез во земјава. Пред Османи, казната ја коментираа и претседателот на Собранието – Талат Џафери, и партијата на Зијадин Села – „Алијанса за Албанците“. Според Џафери, казната била престрога бидејќи се работи за културно-уметнички работници кои само снимале видео. За „Алијанса за Албанците“, казната е знак дека „воопшто не се промениле логиката и дискриминаторскиот менталитет карактеристични за југословенскиот комунистички систем“. Сепак, за разлика од Османи, коментарот на Џафери и реакцијата на „Алијанса за Албанците“ беа искажани пред јавноста да го чуе интервјуто со самиот Ѓерг Прекочај, во кое тој порача дека „ова било албанска земја што им е дадена од Бога“ и дека „никогаш нема да престанат да работат на обединување на Албанците, мисловно, но и територијално“.

 

- Реклама -